Истовремено ви се појавуваат два наслова од вести – првиот гласи: „Времето е прекрасно денеска!“, додека во вториот се најавува дека во земјата се подготвува страшна бура. На кој наслов би кликнале?
Најверојатно на вториот, бидејќи сакате да знаете како силното невреме би влијаело на вашиот ден и на вашите секојдневни обврски и планови. Тоа е истиот принцип што го користат медиумите, практично ја навлекуваат публиката да остане во тек, за да може да слушне колку одредени работи можат да бидат опасни и да предизвикаат турбуленции или промени во нивниот живот. А повеќе од јасно е дека „прекрасно време“ не може да предизвика толкава турбуленција или пак опасност колку што може да предизвика бурата.
Голем број написи, истражувања, разговори со експерти од полето на психологијата го имаат истиот пристап и се на иста линија кога станува збор за реакцијата на луѓето/публиката на лошите, негативни вести, водејќи се од човековата еволуција на реакција на закани. Тоа е она што предизвикало нешто што се нарекува „негативна пристрасност“. Човечкиот ум инстинктивно реагира на заканите, и физички и психолошки. Емоциите кои луѓето ги доживуваат кога нешто претставува потенцијална закана или опасност, без разлика дали е директна или не, се многу поинтензивни отколку позитивните емоции.
Истражувањата покажуваат дека негативните емоции имаат многу појак потенцијал од позитивните, па оттаму луѓето реагираат многу посилно на првите. Сето ова значи дека многу поголема е веројатноста повеќе внимание да посветуваме на вести/стории кои предизвикуваат негативни емоции.
Оттаму, на медиумите им е тешко да направат добра сторија или клек-бејт наслов од фактот дека, на пример, „Марко е добар и кај него нема ништо ново“. Несреќниот факт е дека негативноста ги продава приказните. Луѓето нема да најдат длабоко задоволство во сознанието дека Марко е добар и нему не му се случува ништо ново. Многу поголема, секако негативна реакција, би се создала доколку прочитате дека се случило убиство, сообраќајна несреќа, временска непогода, а од друга страна, вие сте добри и во моментов немате закана по вашиот живот.
Кога идентификуваме нешто негативно, тоа дејствува како магнет. Човечкиот инстинкт веднаш стапува на сила и тежнее да ја разоткрие мистеријата и да ги собере сите знаења за негативните работи на темата. Воедно, читањето лоша вест може да послужи и како сигнал дека треба да бидеме претпазливи за да избегнеме опасност.
Дополнително на ова, постојат експериментални докази дека луѓето побрзо, поинстинктивно реагираат на негативни зборови. Истражувања покажуваат дека во одредени лабораториски експерименти, кога луѓето требало да трепнат кога ќе чујат одреден збор, реакцијата била побрза кога трепкале на зборовите „рак“, „бомба“ или „војна“ отколку на зборовите „бебе“, „насмевка“ или „забавно“.
Истражувањата покажуваат и дека кога ќе се случи нешто лошо, луѓето се посклони кон тоа да обвинуваат друго лице, да најдат конкретен виновник и таму да го истурат својот бес, отколку, на пример, да поддржат човек кој направил нешто добро. Критиката како секогаш да доаѓа пред поддршката.
Дали за ова можат да се обвинат социјалните медиуми? До некаде да, но не целосно. Уште во 2001 година, истражувањето на оваа тема покажало дека „лошото е посилно од доброто“ – пред ерата на ескалација на користењето на социјалните мрежи. Ова укажува на тенденција поврзана со човечките перцепции и со човековата природа, повеќе отколку со социјалните мрежи, кои само дополнително ја потврдуваат тезата дека „лошото е појако е доброто“ и додаваат тежина на истата.
Дали тука може да се потцени улогата на медиумите? Апсолутно не. Колку медиумите од лошата вест ќе направат уште полоша, колку сензационализмот го зафаќа поголемиот дел од медиумскиот простор, а на основа на тоа ќе се множат клик-бејт насловите, покажува колкав е уделот на гладното искористување на човековата природа.
Оттука, медиумите се исправени пред сериозен предизвик – дали на луѓето ќе им го дадат тоа што во одреден инстиктивен момент го посакуваат, дополнително зачинет со дезинформации или нецелосни информации и ќе ги нахранат со празни калории кои можат да предизвикаат сериозни последици, или пак, од друга страна, ќе воведат и ќе инсистираат на баланс, прикажувајќи не само црно-бел, туку и сив свет.
Да не заборавиме, на крајот од денот, фактот дека „Марко е добар и кај него нема ништо ново“ не е за потценување. Напротив, не смееме да ја заборавиме тезата дека најголем дел од работите од кои се плашиме никогаш нема да ни се случат.