Онлајн насилството најчесто вклучува ширење лаги или објавување засрамувачки, интимни односно приватни фотографии од некого на социјалните медиуми, понатаму испраќање пораки кои можат да повредат или закани преку платформите за размена на пораки, преземање туѓ идентитет и испраќање пораки со навредлив тон до другите во негово/нејзино име.
Во рамките на онлајн насилството спаѓа и т.н. ‘doxing’, односно кога индивидуалец или група на луѓе споделуваат лични податоци за друг/други лица како на пример телефонски број, адреса на живеење, работно место и други лични информации без дозвола. Понатаму, тоа може да биде во форма на ‘cyberstalking’, односно постојано следење на нечии профили на социјални мрежи, испраќање несакани пораки или закани итн. Сѐ позачестена негативна појава е онлајн-насилството (cyber-bullying) која може да има многу сериозно негативно влијание врз психичкиот развој и состојба на младите.
Насилството лице в лице и онлајн-насилството често се случуваат паралелно, пишува УНИЦЕФ во својата анализа. Но, сајбер-нападите се малку поинакви во тој сегмент, со оглед на тоа што оставаат дигитален отпечаток, односно запис кој понатаму, при пријавувањето може да биде од корист и да послужи како доказ кој ќе помогне да се запре малтретирањето.
Од сите социјални мрежи, децата на YouTube имаат најголема веројатност да бидат малтретирани, со 79%, потоа Snapchat со 69%, TikTok со 64% и Facebook со 49%. Дополнително, девојчињата имаат поголема веројатност да бидат жртви на онлајн-насилство отколку момчињата. Една студија покажала дека 45% од жените доживеале малтретирање на социјалните мрежи во споредба со 38% од мажите. Ова се вели во прирачникот изработен во склоп на програмата за ментално здравје која е дел од активностите на проектот „МладиХаб - надминување на нееднаквоста меѓу младите“, финансиран од Британската амбасада во Скопје и спроведуван од Национален младински совет на Македонија. Прирачникот се состои од голем број совети до младите за тоа што можат да сторат доколку се жртви на онлајн насилство, но и првично, како тие или нивните родители можат да го препознаат за да можат да реагираат.
Па така, се вели во прирачникот, особено кога млади лица се предмет на онлајн насилство, кај нив може да се забележи избегнување на социјализација, односно избегнување на пријателите или социјални настани, изолација, намалување на просекот на училиште, губење интерес за активности во кои вообичаено се уживало, отсуство од училиште, негативни мисли, несоница, промена во животните навиките во однос на исхраната.
Од „Млади Хаб“ препорачуваат личните податоци да не се споделуваат со непознати лица на интернет или пак, да се впишуваат на несигурни и недоверливи веб-страни, понатаму, на социјалните мрежи да се користат опциите за приватност, со што ќе се овозможи контрола на тоа што се објавува од страна на корисникот или од другите корисници за вас, лозинките и корисничките имиња да не се споделуваат јавно и да не се користи интернетот и социјалните мрежи за испраќање на непристојни содржини на други лица.
Препорачливо е и да се ограничат активностите на интернет, односно да не се биде „онлајн“ цело време, редовно да се менуваат лозинките и да не се ставаат премногу лични податоци на профилот.
Препораките за справување со онлајн-насилството се за истото да се информира училиштето (доколку насилството доаѓа од одредени соученици), да се разговара со родителите. Онлајн насилство може да се пријави и во Министерството за внатрешни работи, cybercrime@moi.gov.mk, а и Министерството за образование и наука отвори адреса за пријавување насилство во училишта, prijavinasilstvo@mon.gov.mk, односно paraqitdhune@mon.gov.mk, каде што може да се пријавува училишно насилство, за да можат институциите веднаш да реагираат и да спречат посериозни ситуации.
УНИЦЕФ воедно нуди и низа други препораки, за секоја социјална мрежа одделно, за тоа како луѓето, а особено младите, можат да се заштитат од онлајн насилството.