Голем број истражувања покажуваат дека одредени медиумски практики, како на пример изложување на јавноста на детали за извршеното самоубиство, можат да ги зголемат бројот на самоубиства во државата и пошироко, особено доколку станува збор за јавни личности, на кои многу луѓе се огледуваат.
Оттаму, улогата на медиумите при известувањето за самоубиства е исклучително значајна. Тие имаат исклучително голема улога во однос на тоа како ќе известуваат за овие теми, со оглед на тоа што јавниот интерес треба да биде „алфа и омега“ во новинарската практика, па оттаму легитимно се поставува прашањето - зошто би било од јавен интерес доколку некој извршил самоубиство, односно ако станува збор за изолиран случај?
Предмет на интерес во медиумите може да биде стапката на самоубиства во државата, дали таа се зголемува или не, тие имаат должност да консултираат експерти и да алармираат каде може да се обратат лицата со суицидно однесување или пак нивните најблиски, да истражат на што се должи евентуално зголемената стапка на самоубиства, да најдат одговор на прашањата дали државата има ресурси и доволен број медицински лица за овие појави и да трагаат по решенија за проблемот.
Сите овие прашања се во доменот на јавниот интерес, наспроти индивидуалните случаи, кои можат само да нанесат штета на семејствата на починатите и дополнително, да поттикнат нови случаи.
Токму од овие причини, пред неколку години Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Секторот за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи се договорија во дневните полициски билтени да не бидат вклучувани случаите на самоубиства. Тоа МВР засега го почитува, но во одредени медиуми сè уште можат да се најдат сензационалистички наслови и известувања за извршено самоубиство, за кое дознале преку свои канали.
Притоа, медиумите кои пренесуваат вакви вести, не го земаат предвид ризикот од она што се нарекува „Копикет“ (Copycat), а истиот се зголемува доколку новинарите прикажуваат детали во однос на тоа како било извршено самоубиството.
„Обесен“. Ваква беше насловната страница на Њујорк Дејли њуз на 13 август 2014 година. Над големите букви, кои имаа пополнето речиси една третина од страницата, стоеше фотографијата на комичарот Робин Вилијамс со мрачен израз на лицето, кој беше пронајден мртов на 63 години.
Овој наслов, како што оценува Вашингтон пост, за жал, беше спротивен на најосновните препораки на Светската здравствена организација и на експертите за спречување самоубиства за тоа како медиумите треба да го покриваат самоубиството, вклучително и на намалување на стапката на самоубиства, а со цел да се избегне мотивацијата на одредени лица да извршат нешто слично.
Подоцнежните истражувања покажаа дека вестите за смртта на Вилијамс била поврзана со речиси 10 отсто од порастот на бројот на самоубиства во САД во петте месеци што следувале, според студија објавена во списанието PLOS ONE. Тоа зголемување било особено големо кај мажите на возраст од 30 до 44 години, чија стапка на самоубиства се зголемила за речиси 13 проценти. Уште позначаен бил скокот од 32,3 отсто на бројот на самоубиства со задушување – начинот на кој Вилијамс си го одзеде животот. Голем број медиуми во САД во тоа време експлицитно го имаа објаснето начинот на кој познатиот актер и комичар го изврши самоубиството, со цел да привлечат повеќе кликови и поголема публика, воопшто не размислувајќи за последиците кои впрочем произлегоа од понатамошните истражувања.
Ларс Мехлум, директорот на норвешкиот Центар за превенција од самоубиства тогаш за Вашингтон пост изјави дека голем број новинари воопшто не ги споменале големиот број здравствени проблеми со кои се борел Вилијамс (како на пример деменцијата), туку прикажале „глорифицирана верзија на настанот“.
„Ова не е според меѓународните упатства за медиумско известување за самоубиство. Друго прекршување на овие упатства беше експлицитното известување за методот на самоубиство. Проблемот со овие начини на пријавување на самоубиство во случај на славна личност е, се разбира, вистинската опасност од копирање на самоубиства, и се чини дека тоа е потврдено преку студиите“, изјави тој.
Слично нешто се случуваше и со смртта на актерката Мерлин Монро, самоубиство за кое медиумите наголемо информираа, во најситни детали, нешто што доведе до зголемување на бројот на самоубиства во периодот што следуваше за 10-12 проценти.
Светската здравствена организација (СЗО) во своите насоки за известување за самоубиства апелира да не се објавуваат стории за самоубиства на истакнати позиции во медиумите и истите да не се повторуваат непотребно. Во насоките стои и дека не треба да се користат сензационалистички наслови, да не се користи јазик кој ја нормализира појавата или ја прикажува како конструктивно решение, да не се опишуваат експлицитно методите, да не се објавуваат детали во однос на локацијата и да не се користат никакви фотографии или снимки.
И Членот 7 од Кодексот на новинари на Македонија предвидува дека „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.
Понатаму во овој член се вели:
- Новинарот е должен да ја почитува личната болка и жалост;
- Правото на јавноста да биде информирана не може да биде оправдување на потребите од сензација;
- Треба да се избегнува поттикнување на интересот кај јавноста за графички описи и детали за извршени злосторства или трагедии;
- Извештаите треба да водат сметка за семејството на жртвата, да не се зголемува нивната болка, но и да не се придонесе кон нивно жигосување.
Факт е дека самоубиствата не секогаш можат да се спречат, но одговорното известување за самоубиствата може да помогне да се едуцира јавноста за овие трагични настани и нивното спречување, да понудат решенија за луѓето во ризик, да ја намалат стигмата и да инспирираат отворен и позитивен дијалог на оваа сензитивна тема.