Бидејќи настаните се одвиваат истовремено, а времето е ограничено (како и секогаш), се отежнува потврдувањето на автентичноста на содржината што го оформува вашиот наратив. Како дел од истражувачката работа можете да ја проверите веродостојноста на информациите преку вашите сигурни извори или да направите кратка проверка од канцеларија за да бидете сигурни дека содржината што сакате да ја искористите не е лажна.
Се разбира, работите се менуваат кога не сте во работните простории. Се случува доста често да видите фотографија на Твитер додека сте во движење или известувате за протест. Тоа е силна фотографија и заслужува да биде дел од вашиот наратив, но дали е точна.
Стигнувате до класичната крстосница: или да престанете со тоа што го правите и да се фокусирате на потврдување на автентичноста или да ја игнорирате и да не ја користите фотографијата додека не ја искористи некој друг. Бидејќи, да се разбереме; ниту една од овие 2 опции не е полоша од тоа да ја искористите фотографијата во вашата сторија, да ја направите централен елемент, а потоа да добиете коментари дека таа потекнува од пред 5 години. Кога ќе видите таква фотографија, очигледната постапка е да направите обратно пребарување на интернет и да се осигурите дека фотографијата не е преземена од целосно неповрзан настан во минатото.
Обратното пребарување стана поедноставно и побрзо благодарение на големиот број сервиси за индексирање на интернет. Еден од нив е tineye.com. Во 3 едноставни чекори можете да направите пребарување со фотографијата на вашиот мобилен телефон и тоа навистина брзо. Секогаш кога ќе наидете на фотографии споделени на социјалните медиуми:
прво зачувајте ја фотографијата во телефонот.
отворете ја страницата tineye.com во прелистувачот.
прикачете ја фотографијата и проверете дали била објавена на интернет претходно.
Тинај наоѓа точни и изменети копии на слики анализирајќи ги пикселите. За разлика од алатките за пребарување слики на Гугл и на други сервиси, Тинај не ги препознава луѓето или предметите на сликата. Сервисот не ги зачувува вашите слики и е бесплатен за некомерцијални цели.
Бонус Функција: Тинај алертс (TinEye Alerts) следи каде и како се појавуваат вашите слики на интернет
Сите се надеваме дека ќе бидеме првите што ќе објават ексклузивна приказна. Да претпоставиме дека вие сте меѓу првите што ги документирале настаните, објавиле фотографии и ја споделиле вистинската приказна. Во тој случај очекувајте други да ја користат вашата содржина. Тоа е во ред, сѐ додека целта е да се прошири информацијата. Но, можеби ќе сакате да контролирате и да следите кој ги користи вашите фотографии. Вашата фотографија може да биде искористена години подоцна за ширење дезинформации и за предизвикување немир. Или некој мрзелив „новинар“ во масовните медиуми може да ви ја украде фотографијата и да ја користи без дозвола.
Со оглед на тоа што Тинај прегледува милиони нови страници и фотографии секој месец, можете да поставите предупредување, кое ќе ве извести ако вашата фотографија биде искористена на друго место. Со прикачување на фотографијата на Тинај и поставување барање за предупредување, Тинај продолжува да ја споредува вашата фотографија со индексираните и ви покажува каде ја пронашол.