Се разбира, не сите пријатели или семејството се исти, вклучително и во поглед на дигиталните вештини - сепак, не заборавајте дека апсолутно секој има негов/нејзин круг на пријатели и блиски, во која пак често ќе се најде личност со доста слаби дигитални вештини! Тоа не значи дека мораме да ги „едуцираме“ сите за онлајн ризиците, но, би било паметно да разговараме барем со нашите најблиски за нивните онлајн навики.

Еве некои од начините на кои вашите блиски пријатели и семејството можат сериозно да влијаат на вашата приватност во дигиталниот свет:

* Претерано споделување онлајн

Споделување на содржини онлајн е активност која ја практикуваат сите генерации - од најмладите (понекогаш и од предшколска возраст) па се до возрасните баби и дедовци. Веројатноста дека никој во вашето семејство или пријателите не споделува содржини од својот живот онлајн е многу мала, а најверојатно тоа го прават повеќето од вашите пријатели и роднини. Сепак, постои разлика помеѓу повремено споделување „безопасни“ фотографии, статуси и сл. и постојано, секојдневно споделување на секаков вид податоци за себе и својата околина.

Луѓето кои „премногу“ споделуваат (вклучително и редовно споделување на локација, "тагнување“, видеа „во живо“ и сл.) свесно или не, ги изложуваат и тие околу нив, кои често се нивните блиски пријатели и семејството. Можеби веќе сте се пронашле во ситуација некој да ве препознае или праша за некоја семејна вечера или излегување, за кое не сте биле свесни дека сте биле во позадина на фотографијата или видеото. Претераното споделување (особено на видеа и локација) не само што негативно влијание на приватноста на тие што споделуваат, туку многу често влијае и на луѓето во нивното непосредно опкружување.

* Преголема доверба во луѓе, институции, компании

Луѓето имаат тенденција да веруваат на етаблирани присуства во секојдневниот живот - како на пример познати личности, влијателни компании и брендови итн. Затоа, многу е полесно да се измами некој преку e-пошта доколку истата се „маскира“ дека е испратена од Google или Facebook, или пак некој познат фудбалер или вашата банка. Што се случува кога овие етаблирани присуства комуницираат (и имаат барања) со вашите роднини и пријатели? Доколку вашите пријатели добиле пораки на чет, или пак по е-пошта, дека потребно е ажурирање на податоците за вас (како нивен близок пријател/пријателка) тие не треба да паднат на ваквата замка, туку веднаш да ве известат. Овие барања понекогаш можат да делуваат многу убедливо, преку користење на најразлични трикови од домен на психологијата - но, тоа што можете вие да го направите е да имате „договор“ со вашите блиски, никогаш да не се споделуваат сензитивните информации и податоци со трети страни, без претходна експлицитна (идеално и со телефонско јавување) дадена дозвола.

Легитимните компании и институции нема никогаш да бараат сензитивни податоци од трети лица - тие директно ќе се обидат да ве контактираат вас како имател на податоците.

Бонус-совет:

Во случај да не се работи за измама, односно, институцијата да има легитимна причина за барање на овие информации, осигурете се дека споделувате минимум потребни информации, односно, само тоа што е апсолутно неопходно, и документирајте ја размената. Во пракса, ова значи да се биде ладнокрвен и да не се брза со давање информации на некој што тврди дека е претставник на институција, и секогаш кога е можно, да се користи е-пошта или дури и физички писма за да се документира целиот процес.

* Не ја ценат сопствената приватност

Голем број луѓе не ја ценат приватност како концепт, и во многу случаи, дури ја сметаат и за опасна. Во зависност од вашиот социјален контекст, можеби историски гледано, приватност во вашето место на живеење е поврзана со негативни појави - приватност многу ја ценеле шпиони, терористи, и други лоши актери. Вашите блиски можеби тежнеат кон тоа ставот „штом има нешто да сокрие/сака да го чува приватно, нешто сигурно не е во ред“. За многу луѓе низ светот ова е секојдневна реалност, и грижење за сопствената приватност ја доведува во прашање дури и безбедноста на поединци. Сепак, дури и заштитата на приватноста да не ја доведува вашата безбедност во прашање, огромен број луѓе не ја гледаат важноста на својата приватност, односно и придодаваат многу мало значење.

Следствено, кога некој не ја цени сопствената приватност, му станува многу потешко дури и да разбере зошто некој друг би ја вреднувал неговата/нејзината приватност. Кога разговараат со друго лице кое подобро се грижи за своето онлајн присуство, некои луѓе дури може да станат фрустрираат или дури и да се навредат поради тие обиди за заштита на приватноста! Општо земено, кога луѓето не ценат нешто за себе, тие имаат тенденција да не го ценат тоа и кај другите луѓе.

Едноставно кажано, ако вашите блиски пријатели и семејството ја гледаат приватноста како „луксуз“, или обидите за ограничување на вашиот дигитален отпечаток како „непотребно заморување“ - тие веројатно нема да преземат никакви чекори за заштита на вашите лични податоци и ќе ги гледаат вашите напори како залудни, па дури и навистина глупави.

Дали се согласувате со горенаведените начини на кои блиските можат да влијаат на вашата приватност? Можеби Вашето семејство е поинакво! Се разбира, сите ние сме во постојана состојба на учење кога станува збор за дигиталната безбедност и приватност, и воопшто не треба да биде непријатно доколку се пронајдовте (или вашите блиски) во напишаното - тоа што е важно е што ќе сторите понатаму, во иднина.

Доколку сакате да останете информирани и да добивате новости поврзани со дигиталната безбедност, како и совети и трикови како да бидете позаштитени онлајн, следете не на социјалните мрежи и нашата веб страница.

Илустрација на заднина: Фотографија на Andrea Piacquadio од лиценцата Pexels / Pexels