Крајниот исход од недоволното внимание што го посветуваме на Политиката на колачиња е речиси секојдневната ситуација да пребаруваме на интернет одреден производ или услуга, по што ни се појавуваат реклами за пребаруваниот производ или услуга.
Всушност, „колачињата“ се користат за следење на активноста на корисникот на одреден веб-сајт и за меморирање одредени информации, какви што се: податоци за најава, преференции и содржина на потрошувачка кошничка.
„Колачињата се користат со цел да се олесни функционирањето на веб-страницата или да се запомнат вашите активности и преференции или за да се обезбеди персонализирана содржина на веб-страницата. При повторна посета на веб страницата, тие ги читаат овие текстуални датотеки за да помогнат да се идентификува корисникот“, пишува Никола Димитров во еден од едукативните текстови за политиките на колачиња што има објавено Фондацијата Метаморфозис.
Но, што младите во земјава знаат за тоа што се „колачиња“? „Не знам што се тоа колачиња, мислам дека се вируси што се појавуваат на сајтовите, не ги прифаќам“, е само еден од одговорите на младите во земјава. Податоците за прашања поврзани со дигиталната приватност се објавени во истражувањето на Меѓународната федерација за изборни системи (ИФЕС) – „Младите и дигиталната приватност во Северна Македонија“. Во истражувањето е наведено дека само мал дел од младите во Македонија имаат целосна информација за тоа што се тоа „колачиња“ и која е нивната цел.
Реализираните разговори со младите на возраст од 14 до 24 години, во дванаесет фокус групи спроведени во април годинава, покажале дека само мал дел од учесниците имале целосна информација за тоа што се „колачиња“ и која е нивната цел.
„Не знам што се тоа колачиња, мислам дека се вируси што се појавуваат на сајтовите, не ги прифаќам“, е само еден од одговорите добиени од младите на фокус групите во однос на поставеното прашање за тоа што се тоа „колачиња“.
И квантитативното истражување спроведено врз национален репрезентативен примерок од 1.067 испитаници на возраст од 14 до 24 години, во периодот од 20 април до 2 мај 2023 година, покажува несјајни резултати. За заштита на личните податоци нема висока свесност кај младите во Македонија.
Па така, 24 отсто од младите одговориле дека целосно се согласуваат со констатацијата „Регуларно ја бришам мојата листа на пребарување и колачињата за да ги ограничам податоците што се собираат за мене“, додека 22 отсто од нив рекле дека донекаде се согласуваат со ваквата констатација. Истовремено, 21 отсто од младите зазеле неутрален став во однос на оваа констатација. Наспроти ова, 39 отсто од младите не се согласиле со констатацијата дека регуларно ја бришат листата на пребарување и колачињата за ограничување на податоците што се собираат за нив.
Но, кои се чекорите кои треба да ги преземат граѓаните кога пристапуваат на сајтови или употребуваат апликации?
Најпрво, треба да се информираат за тоа кои колачиња ги користат тие, односно да ја прочитаат Политиката за колачиња. Само на тој начин ќе знаат дали со некои од колачињата се обработуваат лични податоци. Потоа, особено внимание треба да се посвети при појаснувањата за колачињата кои се користат за цели на маркетинг, кои овозможуваат поврзување со нашите профили на социјалните мрежи, кои зачувуваат податоци од онлајн форми за регистрација и слично.
Инаку, самото објавување на Политиката на колачиња се смета за обезбедување на правото на информираност во однос на обработката на личните податоци, и токму затоа, прозорчињата што ни се појавуваат при посета на одреден сајт на интернет треба внимателно да ги читаме.
Правата на граѓаните се јасни, наше право е да ја повлечеме согласноста, односно, да го смениме изборот на колачиња, но и да побараме пристап и дополнително информирање за тоа на кој начин се користат собраните податоци.
Особено важно кога станува збор за користењето на колачиња е тоа што имаме право да побараме да не бидеме предмет на профилирање за цели на маркетинг. Доколку сметаме дека нашите лични податоци собрани преку користење на колачиња биле незаконски обработени, имаме право да поднесеме приговор за конкретната обработка.
Во Македонија има два закони кои го опфаќаат уредувањето на користењето на колачиња, и тоа Законот за електронските комуникации и Законот за заштита на личните податоци. Притоа, првиот закон предвидува дека чувањето информации или добивањето пристап до информации кои веќе се чуваат на опремата на корисникот е дозволено само доколку корисникот дал согласност. Првото начело на Законот за заштита на личните податоци пак е токму начелото на законитост, правичност и транспарентност.