Авторот Радомир Животиќ во книгата „Новинарски жанрови: Печат, радио, телевизија“, (Novinarski žanrovi: štampa, radio, televizija) наведува дека структурата на вестите во медиумите е едноставна. На самиот почеток од медиумската содржина, со максимално јасни реченици концизно се даваат одговори на следните прашања за одреден настан: Кој направил што, која е локацијата и времето на случување на настанот (одговарање на прашањата каде и кога), како се случил настанот или зошто настанал истиот, со кои средства и од кого потекнува информацијата.
Со ваквото објаснување на Животиќ за структурата на секој новинарски текст се сложува и Душан Славковиќ во книгата „Да се биде новинар“ (Biti Novinar). Тој наведува дека обврска на новинарите е да одговорат на основните новинарски прашања во текстовите: КОЈ, ШТО, КАДЕ, КОГА, КАКО или ЗОШТО се случило нешто. Славковиќ додава дека теоретичарите на новинарството бараат во вестите да биде одговорено и прашањето за тоа кој е изворот на информирање на фактите и податоците. Ова новинарско правило важи не само за оформување на секоја една вест во медиумите, туку и за сите останати новинарски жанрови.
Наведувањето на изворот на информации не важи единствено за текстовите, туку и за фотографиите и видеата. Новинарската теорија не прави разлика дали станува збор за традиционални или нови медиуми. Под секоја објавена фотографија треба да стои извор на информација. Најлесен начин за како јавност да го пронајдеме изворот на информации во видеата или текстовите е истиот да го побараме после зборовите: „информираше“, „соопшти“, „наведе“, „изјави“, „рече“, „пренесе“, „јави“ итн.
Авторот Веле Смилевски во „Новинарскиот лексикон“ вели дека медиумските содржини се целосни, доколку во нив е наведен изворот. Редакции кои полагаат на веродостојноста на она што го соопштуваат не објавуваат информации доколку за тоа немаат проверен, потврден и назначен извор, наведено е во „Новинарскиот лексикон“.
Се разбира, новинарите во медиумските содржини имаат право да не го откријат изворот на информации, но постојат само три причини кога се користи ваквата постапка. Прво и најважно е кога изворот инсистира да остане анонимен. Необјавувањето на изворот може да се дозволи од професионален аспект само доколку станува збор за исклучително важна тема од јавен интерес, при што самиот новинар има доверба во изворот и податоците што тој ги обезбедува, а изворот би можел да се доведе во ситуација да претрпи некаква форма на штета поради оддавањето на ваквата важна информација на јавноста.
Втората причина новинарот да го задржи правото да не го открие изворот на информација е кога новинарот е принуден да го скрие изворот ако нема доволно аргументи за она што го открива медиумската содржина. Но, прашањето во овој случај е дали воопшто ваквата медиумска содржина треба да биде објавена.
Третата причина за необјавување на изворот на информации е кога изворот нагласил дека податоците во моментов не се за објавување за во јавност. Во овој случај, објавувањето на информацијата без дозвола на соговорникот е прекршување на договорот и во овој случај самиот новинар најверојатно дека во иднина нема повторно да добие информација од овој извор.
Се разбира, во многу од создадените медиумски содржини самите новинари се извор на информацијата доколку присуствуваат на одреден настан. Ова е синоним за добивање кредибилна информација. Исто така, извори на информации може да бидат други медиуми, експерти, функционери и други јавни личности, соопштенија од институции, луѓе како очевидци на настан, документи, материјали и дискусии, бази на податоци, склучени договори, публикации итн. Сето ова се извори на информации кои треба да бидат именувани со име и презиме на личноста, име на медиумот или наслов на било кој документ или публикација за да бидат соодветно наведени во текстот, видеото или фотографијата.
Во сите случаи кога медиумските содржини немаат наведено извор на информација, постои опасност податоците што се објавуваат да се всушност дезинформации, мисинформации, односно имаат можност да прераснат во медиумски непрофесионализам и извор за ширење на нечија пропаганда.
Професионалните редакции во секојдневната новинарска пракса избегнуваат да користат одредници од типот: „од наши извори“, „според непотврдени информации“, „неофицијалните информации говорат“, „изворот кој сакаше да остане анонимен“, „од извори блиски до“, „од добро известени извори“, „според информациите со кои располагаме“ и едно многу други зборовни кованици кои се вешти конструкти за да се избегне објавувањето на изворот на информации. Јавноста кога чита, слуша или гледа вакви медиумски содржини без наведен извор, истите треба да ги зема со доза на резерва.
Неоткривањето на изворите на информации неретко може да доведе до манипулација на јавноста од страна на авторот на медиумската содржина, или уште полошо, манипулација на изворот кон самиот автор на објавената содржина. Медиумски содржини без наведен извор на информации во најголемиот број случаи се некредибилни содржини и треба да се земаат со доза на недоверба.
Во денешно време, создавањето на црните кампањи и пропагандни наративи имаат свој пат за производство на дезинформации, кои често водат преку сокривањето на изворот на информацијата во текстот, аудиото или видео содржината. Токму поради ова, треба да потенцираме дека наведен извор на информации е еден од главните извори на кредибилност на објавената медиумска содржина.