Дигиталниот отпечаток може да се дефинира како „виртуелна патека“ која ги содржи сите наши онлајн интеракции, од онлајн купување па сè до пребарувања на интернет. Значителен дел од нашиот живот се води преку екраните на нашите уреди, па од клучно значење е да ги препознаеме ефектите на нашето дигитално присуство. Информациите што ги споделуваме и податоците што ги генерираме оставаат неизбришлива трага на интернет, формирајќи ја не само нашата онлајн репутација, туку и влијаат на нашите идни можности и безбедност. Поради тоа, важно е да го разбереме дигиталниот отпечаток и како да се движиме низ пејзажот на нашите онлајн идентитети.
Дигиталниот отпечаток може да се подели на активен и пасивен.
Активен отпечаток е кога корисникот сам, свесно споделува информации за себе, како на пример објавување на социјални мрежи или форуми. Корисникот дава информации за себе кои потоа се прибираат во некоја дата база. Истото се случува кога креираме профили на веб-страници и се најавуваме, односно кога сме претплатници на некоја страна или прифаќаме колачиња.
За пасивниот дигитален отпечаток всушност не сме свесни дека постои, но се случува кога страниците сами прибираат податоци од типот колку пати и кога сте ја посетиле страницата и вашата ИП адреса.
Зошто е важен дигиталниот отпечаток?
Ваквата појава е важна бидејќи сè што е поставено на интернет е трајно или многу тешко се брише. Во голем број земји, универзитетите, работодавците и други институции често онлајн истражуваат за кандидатите пред да работат со нив. Вашиот онлајн отпечаток го покажува онлајн однесувањето и личните податоци.
Со сè поголемото користење и присутноста на интернетот во нашите животи, најверојатно има и сè повеќе дигитални информации за вас. На овој начин се зголемува ризикот овие информации да бидат искористени злонамерно и против вас преку разни видови сајбер криминал, фишинг и кражба на идентитет.
За да се заштитите од ваквите појави, од голема помош е да следите неколку едноставни совети:
1. Поставете комплицирани лозинки:
Лозинките на вашите профили треба да бидат комбинација од големи и мали букви, бројки знаци за потешко пробивање од други лица.
2. Бидете внимателни со поставките на социјалните медиуми:
Прегледајте ги и приспособете ги поставките за приватност на вашите профили на социјалните мрежи за да контролирате кој може да ги гледа вашите информации. Ограничете ја количината на лични информации што ги споделувате на социјалните мрежи.
3. Користете виртуелна приватна мрежа (VPN)
Обидете се да користите VPN за да ја скриете вашата интернет конекција и да ги заштитите вашите податоци од потенцијални прислушувачи.
4. Бидете внимателни со личните податоци:
Избегнувајте да споделувате непотребни лични информации на интернет, особено на јавни форуми. Исто така бидете скептични кон барањата за лични информации и проверете ја легитимноста на веб-локациите пред да споделите какви било податоци.
5. Едуцирајте се за фишинг:
Бидете внимателни при кликнување на линкови или преземање прилози од непознати извори. Потврдете ја легитимноста на е-поштата и пораките, особено од оние кои бараат лични информации.
6. Внимавајте со колачињата и поставките на прелистувачот:
Редовно чистете ги колачињата и историјата на прелистување. Приспособете ги поставките на прелистувачот за да ја подобрите приватноста, како на пример користење на режимот инкогнито.
7. Бидете информирани
Информирајте се за најновите онлајн безбедносни закани и најдобрите практики за заштита на вашиот дигитален отпечаток.
Целосно бришење на вашиот дигитален отпечаток е невозможно, но може да се заштитите со тоа што ќе ги деактивирате вашите неактивни профили и мејлови.