Виртуелните приватни мрежни се всушност посредници во вашата онлајн комуникација. Тие можат да ја зголемат нашата сајбер-безбедност (до одреден степен) доколку користиме енкриптирани ВПМ, и тоа според најновите (и најбезбедните!) протоколи достапни денес. Постојат одредени разлики во однос на тоа кои технологии за енкриптирање на податоци користат разни ВПМ сервиси, меѓутоа најважното нешто е да користиме ВПМ кој има енкриптирање, идеално “end-to-end” енкриптирање по најновите технологии и протоколи за енкрипција на податоци.
Кои би биле придобивките за корисниците доколку користат безбедни, енкриптирани ВПМ?
Зголемена безбедност при сурфање на интернетот, од дома и на работа.
Речиси сите корисници на интернетот денес разбираат – сурфањето, онлајн шопингот, симнувањето софтвер може да бидат ризични доколку не сме соодветно информирани и не го користиме интернетот паметно. Споделувањето на нашите лични податоци со трети страни, онлајн, секогаш е процес од интерес и на други актери, покрај испраќачот (ние) и посакуваниот примач (да речеме, веб страницата за онлајн шопинг). Постојат многу чекори кои можеме да ги преземе за да се осигуриме дека нашите податоци завршуваат токму онаму каде сме имале намера да ги испратиме, и да го направиме пресретнувањето на овие податоци многу тешки за обичниот криминалец.
Со користењето на енкриптирана, добро поставена ВПМ, драстично се намалува ризикот нашите податоци да бидат пресретнати од несакани актери. Главната задача на ВПМ е „маскирање“ на нашата IP адреса, за сите надворешни страни, вклучително и за сите кои се обидуваат да ги пресретнат нашите комуникации. Ова станува особено важно кога зборуваме за официјална комуникација, во и вон работното место (испраќање мејл од мобилен телефон, на пример.) Доколку сите уреди на работното место користат енкриптирана, ВПМ која има политика да не чува логови (записи), тогаш станува многу тешко за лица надвор од организацијата да откријат кои веб страници ги посетувате, или пак со кои платформи комуницирате.
Минимумот што можете да го направите, е да се погрижите сите вашите уреди да се соодветни покриени со ВПМ. Покрај ова, добрите ВПМ имаат вграден „kill-switch” односно, секојпат кога ќе се поврзете на интернетот, оваа функционалност се грижи да веднаш сте поврзани преку ВПМ, а доколку случајно конекцијата се прекине – истата автоматски ќе се прекине двострано.
Бонус: доколку апсолутно морате да се поврзете на отворена WiFI мрежа (на аеродром, кафе-бар, и слично) погрижете се секогаш тоа да го сторите преку ВПМ. Ова драстично ќе ги намали шансите да станете мета на хакери и други актери.
Намалување на вашиот дигитален отпечаток.
Нашиот дигитален отпечаток е неизбежна последица од онлајн активностите – што не треба да не заплашува и да не прави да се откажеме од наоѓањето начини истиот да го намалиме. Имено, нашиот дигитален отпечаток (особено активниот) може да ни биде од корист во случаи кога, на пример, потенцијалниот работодавач ќе не „пребара“ онлајн, па можеби ќе се воодушеви од нашите ставови и содржини кои сме ги споделувале. Сепак, корисна вежба за сите нас е оставање на што помал дигитален отпечаток од нашите онлајн активности, особено кога станува збор за т.н. пасивен дигитален отпечаток.
Користењето на ВПМ директно влијае на намалување на нашиот дигитален отпечаток. Бидејќи адресата од која пристапуваме кон страниците е „маскирана“, веб страниците или платформите не знаат дека конкретен корисник повторно ги посетува, и повторената посета не се поврзува со претходните колачиња сочувани за конкретниот посетител или корисник. Исто така, бидејќи гео локацијата е навистина тешко да се одреди при користење на ВПМ, најголемиот дел од веб страниците ќе не сметаат за „нов посетител“ секојпат кога ќе пристапиме кон нив со користење на ВПМ.
Веб страниците за онлајн пазарење, или пак за купување билети, исто така не можат да не „откријат“ при повторени пазарења, и ова може да влијае на зделките кои ни се нудат како потрошувачи. За повеќето веб страници, нашиот дигитален отпечаток (особено пасивниот) секојпат ќе биде „свеж“ и нов.
Работа на далечина (work-from-home).
Пандемијата со корона вирусот ни покажа дека работата од дома не е научна фантастика – голем дел од работните места денес можат да се преместат во домот. Се разбира, постојат многу фактори и разни видови проблеми поврзани со оваа тема, како на пример психолошките ефекти (краткорочни и долгорочни) поврзани со „мешањето“ на традиционалниот простор-за-работа и домашната атмосфера. Од друга страна, за огромен број луѓе (и компании!) работењето од дома, кога за тоа постојат услови, се покажа како одлична мерка за превенција за ширењето на вирусот, но и како мерка која успеа да заштеди финансии на компаниите, а и на вработените. Поврзувањето со канцеларијата од удобноста на сопствениот дом никогаш не било полесно, но токму таа леснотија доаѓа со низа ризици за безбедноста на податоците.
Тука напомош доаѓаат ВПМ. Кога зборуваме за безбедно работење од дома – речиси неизоставен дел се и ВПМ. Правилно поставената, енкриптирана ВПМ ќе помогне во одржување на нивото на безбедност кое вообичаено го уживаме во канцелариите. Вообичаено, ваквите ВПМ функционираат со модел на директна наплата за нивните услуги – но – овие средства се добро потрошени пари, и опасностите од кои ве заштитуваат се далеку, далеку поголеми од дополнителни 3 или 4 долари во месечните трошоци за вашата компанија или институција.
Бонус: за уште поголема безбедност, осигурете се дека вашиот ВПМ провајдер има јасна политика за не чување на логови, односно, податоци и метаподатоци за сообраќајот низ сервис не се сочувуваат, нити испраќаат кон интернет провајдерот и трети страни. Вообичаено оваа политика може да се пронајде во Условите за користење.
Избегнете цензура додека сте во странство.
Многу често, во одредени земји, некои интернет страници се блокирани, како и цели социјални мрежи. ВПМ можат да ви помогнат да ги заобиколите географските рестрикции, и да пристапите на содржините. Едноставно кажано, ВПМ го прават ова преку маскирање на барањето за пристап до веб локацијата како да доаѓа од друга локација (друга држава). Овој начин на користење на ВПМ е најупотребуван помеѓу јавноста, бидејќи овозможува пристап до посакуваните играни филмови и серии, веднаш кога стануваат достапни за „домашната“ публика, без оглед каде се наоѓате во светот.
Важно: Одговорноста e на корисникот на самата ВПМ да идентификува дали е легална нивната употреба или не, и да ги провери законите на земјата пред да користите ВПМ.
Бонус: Доколку сте фан на некој спорт, пристапувањето на одредени страници за спортски новости ќе ви овозможи пристап и до содржини наменети за локалната публика (фановите). Исто така, постојат ТВ станици кои стримаат само за одредена публика (географски таргетирана). Можно е да се заобиколи и ова со користење на ВПМ.
За крај – избегнувајте бесплатни ВПМ сервиси
Ако не го плаќате производот, вие сте производот. Ова секако важи и за бесплатни сервиси за ВПМ, односно разликата е во тоа дали компанијата заработува директно од самите корисници на ВПМ (модел на директна наплата за услуга), или пак, од продажба на податоците генерирани од сообраќајот преку дадениот ВПМ сервис. Постојат и ВПМ сервиси кои заработуваат од реклами поставени на нивните апликации (Android, IOS), но генерално, сите ВПМ сервиси се создадени за профит.
Изборот на квалитетна ВПМ може да значи плаќање за истата, ако ја цените вашата приватност на интернет. ВПМ ви даваат можност да додадете дополнителни слоеви на приватност и безбедност на вашите онлајн активности, кои сами по себе не се апсолутна анонимност, нити безбедност, но ќе ви помогнат во вашата заштита на личните податоци онлајн, како и намалувањето на вашиот дигитален отпечаток. Вистинската ВПМ за вас е онаа која ќе понуди безбедна приватна мрежа што ќе ви помогне да ги чувате вашите лични податоци безбедни од сајбер-криминалците и секој друг што може да се обиде да ги пресретне вашите податоци.
Илустрација во позадина: Photo by Prostock-studio from Adobe Stock / Adobe Stock license