За сето ова да биде уште попоразително, повеќе истражувања покажуваат дека на граѓаните најчест извор на информации им се социјалните мрежи, а околу 70 проценти го читаат само насловот и евентуално, првата реченица од текстот. Едноставно, како во човековата природа да е врз основа на насловот, во својот мозок самите да ја градат понатаму целата приказна, без да ја прочитаат докрај. Уште попоразително е што во ова многу „помагаат“ и медиумите, со сензационалистички наслови и многу често, неточни наслови. Тогаш замислете каков хаос настанува во главите на читателите, соочени со различни наслови на иста тема.
„Неофицијално – исчезнатата Вања е пронајдена“ и „Вања сè уште не е пронајдена“ беа двата наслова кои вчера доминираа на агрегаторите на вести. Два сосема спротивни наслова за еден крајно сензитивен настан – девојче кое тргна на училиште, а по патот му се изгуби трагата.
За да биде ситуацијата уште потрагична, сето ова се разгоре по само еден коментар на социјалната мрежа Фејсбук, во кој профил со име „Џамија во Подујево“ напиша дека девојчето се наоѓа во нивната џамија во близина на Приштина и дека е здраво и живо.
Што направи еден непрофесионален медиум? Врз основа на еден коментар, објави текст со наслов дека девојчето е пронајдено. Текстот го преземаат уште десетина медиуми и информацијата се шири со брзина на светлината.
Што направија професионалните медиуми? Се јавија во сите џамии во Подујево и разговараа со оџите. Сите рекоа дека кај нив нема девојче и дека првпат слушаат за такво нешто. Преку користење алатки за пребарување на фотографии, ја проверија профилната фотографија на човекот кој напиша коментар дека девојчето е пронајдено. Алатката покажала дека станува збор за украдена фотографија од туѓ профил, на имам од Албанија кој уште пред неколку недели пријавил дека неговата фотографија на Фејсбук е злоупотребена. Веста не се објави, бидејќи вест немаше – девојчето сè уште не беше пронајдено.
Кликањето „објави“ во првиот случај беше брзо. Кликање „објави“ во вториот случај немаше. Но, што е повредно? Да се добие читаност врз основа на лажна вест и да се доведе целата јавност, а особено семејството на исчезнатото девојче во комплетна заблуда или пак случајот да се провери од што е можно повеќе извори.
Не за џабе членот 1 од Кодексот на новинарите е ставен прв – „проверката на податоците и точноста се морални императиви на новинарството, затоа новинарот е должен да ја провери информацијата од што е можно повеќе извори, а најмалку ДВА меѓусебно неповрзани извора“.
Понатаму, член 7 – новинарот не смее заради атрактивноста на текстот/прилогот да поттикнува неосновани стравови или надежи кај соговорниците или да манипулира со нивните емоции. Новинарот е должен да ја почитува личната болка и жалост. Кога известуваат за настани кои предизвикале лични трагедии, болка и шок – новинарите, фоторепортерите и снимателите треба да покажат сочувство, дискреција и обѕир.
Случајот со исчезнатото девојче, 14-годишната Вања покажа две тенденции. Прво, дека социјалните мрежи, наместо индиција за пишување стории, стануваат единствени извори за стории. Втората тенденција се лажните вести и дезинформации кои како поплава го потопуваат медиумскиот простор.
И покрај тоа што невистиниот текст подоцна беше изменет, хаосот веќе веќе беше настанат. Кога се појавува еден коментар на Фејсбук, предизвикува паника. Но, кога истото се појавува и на веб-портал, расте и сигурноста кај читателите дека веста е точна. А со сигурноста, расте и виралноста. Но, ни треба ли ваква виралност?
Никој не рече дека подолгиот пат до една точна вест е лесен. Но, тоа ги разликува новинарите и медиумите од социјалните мрежи. Иако, ова би требало да важи за сите нас, кои кликаме „објави“ – пред да го притиснеме копчето, да одвоиме 2-3 секунди и да се прашаме, „што ќе постигнам со ова, повредувам ли некој и има ли некаков јавен интерес“? Овие прашања можат да нè спасат од многу отровни и неточни информации.