Генеративната вештачка интелигенција има способност да создаде текст, слики, аудио или видео содржини на издадена команда, но сепак не е во способност целосно да ги разликува фактите од фикцијата.
Сепак, девет години подоцна, токму Асошиејтед прес во текот на летото 2023 година направи пионерски чекор во издавањето на Упатства за вештачка интелигенција, објаснувајќи дека алатката не може да се користи за создавање на текстуални содржини и слики што може да се објавуваат директно на сервисот за вести, додека АП го охрабрува медиумскиот персонал да се запознае со технологијата на вештачка интелигенција.
Упатствата веќе се вметнати во Associated Press Stylebook, при што се наведува дека материјалот генериран со вештачка интелигенција треба внимателно да се провери, исто како и било кој друг новинарски извор. Исто така, АП им определи на своите вработени дека фото, видео или аудио сегмент што е генериран од вештачка интелигенција не треба да се користи, освен доколку ваквиот изменет материјал сам по себе не е предмет на приказна.
Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север во интервју за српскиот весник „Данас“ вели дека вештачката интелигенција не може да ги замени новинарите на терен. Таа додава дека развојот на технологијата не може да се запре, така што сигурно е попаметно да се следи развојот и да се користи како алатка за подобрување на условите за работа и на самото работење. Маја Север вели дека новинарите и медиумите веќе ја употребуваат вештачката интелигенција во дел од своето работење, како што се преводите, прибирањето на податоци и подготовката во секојдневната новинска работа. Негативните ефекти од вештачката интелигенција, според претседателката на Европската федерација на новинари, се најавите за отпуштање на вработени кај некои медиумски куќи, како што е германскиот весник Билд токму поради можностите што ги нуди вештачката интелигенција.
Токму Европската федерација на новинари е една од 16-те организации, кои заедно со „Репортери без граници“ годинава ја изработија и ја објавија Париската повелба за вештачката интелигенција и новинарството. Документот беше објавен на 10 ноември 2023 година, а неговата изработка започна во јули 2023 година.
Со Повелбата е определен збир од 10 основни етички принципи за заштита на интегритетот на информациите во ерата на вештачката интелигенција. Најважниот дел од Париската повелба подразбира дека етиката мора да управува со технолошките избори во медиумите, додека човекот мора да остане централен фактор при донесувањето на уредувачките одлуки. Медиумите мора да направат разлика меѓу автентичната новинарска содржина и синтетичката содржина создадена со вештачка интелигенција. Исто така, етичкиот принцип ја брани одржливоста на новинарството кога преговара со технолошките компании, но и мора да учествува во глобалното управување со вештачката интелигенција.
Меѓу десетте принципи што се вметнати во Париската повелба за вештачката интелигенција и новинарството се поместени следните:
Новинарската етика да го предводи патот на користењето на технологијата на медиумите и новинарите;
Медиумите да даваат приоритет во користењето на човековиот труд;
Системите за вештачка интелигенција кои се користат во новинарството треба да поминат претходно независна евалуација;
Медиумите се секогаш одговорната страна за содржината што ја објавуваат;
Медиумите ја одржуваат транспарентноста при користењето на системите за вештачката интелигенција;
Медиумите ја осигуруваат оригиналноста и можноста истата да се провери;
Новинарството повлекува јасна линија на разликување помеѓу автентичната и синтетичката содржина;
Персонализираните и препорачаните содржини изведени од вештачката интелигенција ја поддржуваат различноста и интегритетот на информациите;
Новинарите, медиумите и новинарството ќе ги поддржуваат групите вклучени во управувањето со вештачката интелигенција;
Новинарството ги поддржува своите етички и економски фундаменти во ангажманите со организациите кои ја создаваат вештачката интелигенција.
Американскиот институт Појнтер како истражувачки центар за новинарство во април 2023 година ги повика новинарските организации низ светот да создадат стандарди за употреба на вештачката интелигенција и ги повика медиумите да ја информираат својата публика за ова.
„Оваа нова ера бара редакциите да развијат нови, јасни стандарди за тоа што е забрането, а што е дозволено за новинарите од аспект на користењето на вештачка интелигенција за известување, пишување и распространување на вестите. Редакциите треба да дејствуваат брзо, но намерно за да ги создадат овие стандарди и да ги направат лесно достапни за својата публика. Овие потези се важни за одржување на довербата кај потрошувачите на вести и за обезбедување одговорност на печатот“, велат од Институтот Појнтер.
Транспарентноста е клучна, дополнуваат од Институтот Појнтер, потенцирајќи дека публиката има право да знае кога новинарите користеле алатки за вештачка интелигенција во своето работење.
Фондацијата за новинарство Нимен во својот екстензивен текст за пишувањето на стандарди за употреба на вештачката интелигенција од новинарите и медиумските куќи објаснува дека еден од чекорите што треба да го преземат сите е преглед на постоечките етички кодекси и упатства за новинарите.
„На новинарските организации им предлагаме да ги разгледаат таквите кодекси на однесување и да ги спротивстават - еден по еден - со потенцијалната употреба на генеративната вештачка интелигенција и ризиците што може да ги претставуваат“, велат од Фондацијата Нимен.
Уште еден чекор што им се препорачува на медиумските куќи е да усвојат пристап за проценка на ризик преку кој ќе се развие ефикасна политика за ублажување на евентуалните ризици од користењето на вештачката интелигенција.
Конечно, од Фондацијата за новинарство Нимен препорачуваат да се основа група од експерти со различен бекграунд кои ќе учествуваат во подготовката на упатствата за користењето на вештачката интелигенција во новинарството.
„Ова ќе им овозможи на организациите да размислуваат за ризиците што би можеле да се појават во редакцијата и може да помогне да се утврдат пошироките ризици во целата компанија што ги надминуваат секојдневните работни текови на новинарите“, препорачуваат од Фондацијата Нимен.
За разлика од странство, во Северна Македонија допрва треба да се изработат упатства за користење на вештачка интелигенција во новинарството, којшто чекор секако дека ќе биде добредојдено да се направи што побрзо.