Не постои човек, а да не чул некое од овие тврдења, во светот познати како теории на заговор. Тие не се новина, постојат многу одамна, како на пример тврдењата дека нападите на 11 септември во 2001 година биле организирани од Владата на САД.
Иако на моменти се чини дека тие не се широко распостранети, истражувања покажуваат дека дури една половина од Американците веруваат во одредена теорија на заговор.
Теоријата на заговор, според Британика, значи обид да се објаснат штетните или трагични настани како резултат на дејствија на една мала моќна група. Ваквите објаснувања го отфрлаат прифатениот наратив околу тие настани. Дури повеќе, официјалната верзија може да се смета како дополнителен доказ за заговорот.
Кога дел од луѓето не можат да разберат одредена појава, се чини дека тие ја бараат причината во некои подлабоки сегменти, а колку повеќе навлегуваат во нив, толку повеќе се убедени дека зад некои необјасниви појави за нив, се кријат зли, моќни сили. На тој начин, давајќи му лик на „злото“, тие се убедуваат во нешто што реално не постои, односно истото е негирано и од науката и од медицината.
Неколку вообичаени карактеристики на теориите на заговор се дека, прво, тие го лоцираат изворот на необични општествени и политички феномени во невидени, намерни и злонамерни сили. Второ, тие честопати ги толкуваат политичките настани во смисла на борба помеѓу доброто и злото. И трето, повеќето теории на заговор сугерираат дека мејнстрим известувањето за работите од јавен интерес е измама или обид да се одвлече вниманието на јавноста од вистинскиот извор на моќ.
Истражувачите се сомневаат дека постојат голем број психолошки механизми, од кои многу се резултат на еволутивни процеси, кои придонесуваат за овие верувања.
Теориите на заговор се зголемуваат во периоди на широко распространета вознемиреност, несигурност или тешкотии, како за време на војни и економски депресии и како последица на природни катастрофи како цунами, земјотреси и пандемии. Овој факт е потврден од изобилството на теории на заговор што се појавија по нападите на 11 септември во 2001 година и за атентатот на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди. Ова сугерира дека конспиративното размислување е водено од силната човечка желба да се разберат општествените сили кои се релевантни, важни но и заканувачки.
Оттаму, голем број експерименти откриваат дека чувството на вознемиреност ги тера луѓето да размислуваат поконспиративно. Ваквите чувства одат заедно со чувството на обесхрабеност, па оттаму, теоријата на заговор може да обезбеди утеха со тоа што ќе идентификува „жртвено јагне“ (најчесто тоа не е еден човек, туку цели влади, неименувани и именувани моќници, бивши и сегашни политичари) и со тоа ќе го направат светот да изгледа поедноставен и под контрола.
Или, едноставно кажано, дел од луѓето бараат начин да ги разберат за нив неразбирливите работи, за да се почувствуваат посигурно.
За луѓето склони кон теории на заговор, секоја институција е закана, од фармацевтските компании до универзитетите, од медиумите до владата. Паранојата во сите овие случаи е во силна корелација со идејата за заговор, иако се разликува од неа. Со паранојата, заблудата е дека сите сакаат да ве сфатат лично; со идејата за заговор, пак, заблудата е дека моќните луѓе се подготвени да ве привлечат вас и сите други во нешто што е погрешно.
„Теориите на заговор веројатно ќе бидат поуспешни кога ќе го потврдат она во што луѓето сакаат да веруваат. Исто така, веројатно ќе бидат успешни ако се интересни/возбудливи и нудат „големо“ објаснување за „голем“ настан“, изјавува Карен Даглас, професорка по социјална психологија на Универзитетот во Кент во Велика Британија за Live Science.
Борбата против теориите на заговор е многу тешка, додава таа. Делумно, тоа е затоа што тие исполнуваат одредена психолошка потреба.
„Тоа може да биде општествената потреба да се чувствуваат добро за групата на која припаѓаат, потребата да се знае вистината и да се има сигурност, или егзистенцијалната потреба да се чувствуваме безбедно или да чувствуваме чувство на контрола над она што ни се случува“, вели Даглас.
Мета-анализи на студии кои се занимаваат со тоа кој има тенденција да верува во теории откриваат извесен портрет на луѓе кои се посклони да веруваат во теории на заговор. Станува збор за луѓе кои гледаат опасност во светот насекаде околу нив, кои многу ја користат својата интуиција, кои имаат чудни верувања и искуства, и кои имаат тенденција да бидат антагонистички и да се чувствуваат супериорни во однос на другите.
Борбата против теориите на заговор е исклучителна долга и тешка. Постојат алатки за борба против дезинформациите, на пример. Знаеме дека потсетувањето на луѓето да не шират теории на заговор и лажни вести може да помогне да се намали бројот на невистини што се шират. Но, ако тие веќе веруваат во теории на заговор, тие сметаат дека е точно она што го мислат. Авторите на мета-анализите пишуваат дека ни се потребни нови интервенции за справување со ова, како на пример нешто што ќе ја намали перцепцијата дека другите луѓе постојано се некаква закана.
Аналитичкото размислување во голем дел може да помогне да се разграничат неверојатните теории. Карен Марфи, образовен психолог на Државниот универзитет во Пенсилванија, сугерира дека поединците кои сакаат да ги подобрат своите вештини за аналитичко размислување треба да постават три клучни прашања кога ги толкуваат тврдењата за заговор.
1. Кој е вашиот доказ?
2. Кој е вашиот извор за тие докази?
3. Која е логиката што ги поврзува вашите докази со тврдењето?
Ова е само еден чекор на бебе, но доволно за да се почне, за во одреден степен да се влијае на луѓето ко веруваат и кои ги шират теориите на заговор.