Ова е за филмовите. За вестите е поинаку. За вестите, постојат истражувања дека повеќе од половина корисници на социјалните мрежи го читаат само насловот на текстот, пред да пишат коментар, да кликнат одредено „емоџи“ или пак да донесат заклучок за што станува збор.
Живееме во ера на наплив од информации, кога сме бомбардирани со тони од вести, написи, блогови, коментари, твитови и наслови кои се обидуваат да ви го привлечат вниманието со што е можно помалку букви. Луѓето брзаат, а од друга страна постои нагонот да се консумираат што е можно повеќе информации. Најголемиот проблем од консумирање на сè што е можно со голема брзина е што на крајот го губиме фокусот на стекнувањето знаење. Има голема разлика од тоа да читаме, слушаме или гледаме нешто набрзина, до реално обрнување внимание и добивање вистинска слика за она што авторот сака да го каже.
Влијанието на атрактивните наслови станува главен вектор за присилување на луѓето да консумираат одредени медиумски продукти. Медиумите, во таа трка за наслови, гледаат да го одберат најатрактивниот. Некогаш, само ќе прелетаме преку него, но сепак ќе ни остане во глава, некогаш ќе кликнеме на текстот и голема е веројатноста да утврдиме дека насловот воопшто не кореспондира со текстот, а понекогаш, доколку насловот предизвика емоции на гнев или бес, ќе си земеме право да искоментираме без воопшто да прочитаме подетално за што станува збор.
Насловите, во секој случај се првата и основна мамка за читателите: кај оние професионалните медиуми – добронамерна (да ве наведат да стекнете комплетна слика за случувањата), додека кај клик-бејт медиумите, не се ништо друго освен борба за пари. Впрочем, секој доволно едуциран човек ќе може да го заклучи тоа со самото кликање на текстот и читање на содржината.
„Еве што кажа мајката на убиеното девојче“, беше само еден од насловите кои неодамна одекнаа во јавноста, за кога ќе го отворите текстот да видите дека внатре нема ниту збор од мајката – никој не се ни обидел да ја контактира, ниту пак таа самоиницијативно изјавила нешто. Но, овој лажен дезинформациски наслов сигурно „принудил“ илјадници луѓе да кликнат на истиот, наспроти одреден наслов кој не е толку атрактивен, но ја содржи вистината.
Токму затоа, во свет бомбардиран со статии каде што кликовите и прегледите се бројат во валути, треба многу мудро да го избереме нашиот извор на информации. Во нас се крие целата моќ на избор – кому ќе веруваме, а со тоа да направиме и селекција на вестите, па дури и на оние кои само „прелетуваат“ пред нас. Секој може да го стори тоа. Па дури и кога некој наслов ќе ни се причини дека е премногу атрактивен и речиси невозможен, голема е веројатноста да е токму тоа – невозможен, лажен, манипулативен. Токму затоа, пред да се искоментира нешто со преголема емоција (оти токму и затоа е поставен таков наслов, да ви предизвика екстремни чувства), треба детално да се прочита целата содржина и дури тогаш да се заклучи дали навистина тоа што го содржи насловот е толку многу „бомбастично“.
Патем, да не заборавиме на еден мошне трагикомичен експеримент, кога The Science Post објави текст со наслов „Студија: 70% од корисниците на Фејсбук ги читаат само насловите на научните приказни пред да коментираат“. Во текстот немаше ништо друго. Првата реченица беше иста со насловот, додека остатокот од текстот беше Lorem ipsum, генерички текст без никакво значење. Но, како што пишува и погоре, кај најголем број читатели остана во умот единствено насловот – дека 70 отсто од Фејсбук корисниците ги читаат само насловите пред да коментираат. Понатамошни студии покажаа дека всушност, станува збор за 59 отсто, што исто така не е мала бројка.
Затоа, квалитетното информирање е повеќе од важно. Наместо да ја полниме главата со стотици вести, лажни, точни, манипулативни, информативни, да ја полниме главата со добро проверени, детални извори на информации кои ние свесно ќе ги селектираме. Клучно е да бидеме добро, а не површно информирани. Затоа, ако веќе се закачиме на мамката да видиме клик-бејт наслов, тогаш не е на одмет да го прочитаме и целиот текст, за да се осигураме и станеме свесни дека сме влегле во мамка. Така впрочем и се „билда“ медиумската писменост. А потоа, со текот на времето, ќе станеме доволно едуцирани за веднаш да ги препознаваме манипулативните наслови, па ќе нема ниту потреба да ги кликаме, ниту пак да ги коментираме. Тоа би било исто како постојано да пазариме работи од една иста продавница која упорно ни продава оштетена роба.