Постојат речиси безброј начини да се измами онлајн купувач, како што станува понормално онлајн пазарењето и се отвора пазарот и за трансакции на секакви (помалку сигурни онлајн) пазари, каде еден погрешен клик може да доведе до големи загуби.
Дополнително, е-трговијата доби ветар во грб по ковид пандемијата. Како речиси секоја онлајн индустрија која добива зголемен број на корисници, истата стана мета за онлајн измамници. Е-трговијата е особено „погодна“ за измамниците токму поради тоа што се работи за размена на пари.
Но, ако останеме внимателни, може драстично да се намалат шансите за онлајн измама. Еве неколку препораки за тоа на што да внимавате при онлајн пазарењето:
Осигурајте се дека се работи за безбеден извор
Постојат неколку начини да се провери дали веб-страницата од која купувате производ е безбедна. Прво, бидете сигурни дека линкот на веб-страницата започнува со „https“ а не само „http“. „Https“ веб-страниците имаат побезбеден протокол за заштита на информациите во споредба со „http“ („s во „Https“ значи „secure“, односно безбедно). Ваквите веб-страници ги шифрираат вашите податоци, со што ќе се осигурате дека истите нема да бидат преземени и прочитани од хакери на патот до серверот на веб-сајтот од каде купувате производ. Сите модерни веб-сајтови го следат „https“ протоколот, и повеќето веб прелистувачи ги обележуваат веб-страниците со само „http“ протокол како небезбедни.
Сепак, „https“ веб-страници само осигураат дека никој друг освен ти и серверот на веб-сајтот нема да може да ги види и дешифрира вашите податоци, што не значи дека измамник не може да отвори веб-страница со „https“ и да ви ги злоупотреби податоците.
Затоа, дополнително треба да се провери дали веб-страницата е безбедна. Ако веб-сајтот е полн со реклами, особено pop-up реклами, најдобро е веднаш истиот да го затворите. Доколку сè уште не сте сигурни во безбедноста на веб-страницата, може да го побарате името на веб-страницата на онлајн пребарувач заедно со зборот „scam“ за да видете што се пишува за безбедноста на конкретниот веб-сајт.
2. Внимавајте на печатните грешки и нелогичната граматика
Онлајн измамите често имаат секакви печатни грешки и генерално не се квалитетно напишани и не ги следат професионалните стандарди на доверливите компании. Иако можеби се чини нелогично дека измамите така лесно би се „издале“, ваквите грешки често се намерни. Целта е кастрењето на потенцијалните „муштерии“. Токму тие кои не пазат на грешките при онлајн купувањето се тие кои би се фатиле за понатамошните „јадици“ во измамата.
Дополнително, измамниците понекогаш се претставуваат како реномирани компании, но со некаква минимална и речиси незабележлива промена во името на компанијата. На овој начин измамниците можат да избегнат и потенцијално судење, бидејќи можат да тврдат дека не се претставувале лажно бидејќи нивното име е всушност различно од големата компанија која ја имитираат.
3. Пазете се од продавачи кои инсистираат да не се плати со картичка, туку преку криптовалути или други апликации за трансфер на пари
Иако децентрализираниот свет на криптовалутите за многумина е возбудлив, токму тоа што е децентрализирана трговијата со криптовалути ги прави истите совршен инструмент за многу онлајн измами. Не само што трагата на трансакцијата е многу потешка за трасирање при плаќањата со криптовалути наместо преку банка, туку и нема кој да ви ги врати парите, како што некои банки би можеле да ги вратат при измама.
Најбезбеден метод за онлајн плаќањето е секогаш преку електронското банкарство. Затоа треба да се внимава кога продавачот инсистира на плаќање преку друг метод, како преку некаква непозната апликација за префрлање на пари.
4. Порака за примена пратка
Измамите во светот на е-трговијата не застануваат откако успешно и безбедно ќе купите производ. Имено, може да добиете лажна порака за пристигната пратка, која ве наведува да притиснете на линк за да платите царина или некоја друга услуга, а која всушност ќе ви ги украде банкарските податоци. Затоа, паметно е да се провери дали официјалната веб-адреса на линкот е всушност таа која е напишана во пораката.
5. Измамниците сакаат да предизвикаат чувство на итност
Играњето со емоциите на купувачот е една од најважните алатки на онлајн измамниците. Конкретно, ако кај вас предизвикуваат чувство на стрес и итност, поверојатно е дека ќе направите нерационална одлука. Оттука, огласите на измамниците често вклучуваат пораки како „купете го овој производ во следните 30 минути за неверојатна попуст пред да го снема“.
Целта на ваквите пораки е да го натераат купувачот да постапи брзо и непромислено, под притисокот на наводното кратко време за одлука. Затоа, ако се најдете во ситуација кога чувствувате стрес околу тоа дали да купите нешто што не ни сте знаеле дека ви треба, запрашајте се дали сте можеби мета на емотивна манипулација.
Сите овие совети би можеле да се сумираат на едноставен начин: избројте до три пред да купуите производ онлајн. Најголем дел од измамите се трудат да ги натераат купувачите да направат брза и непромислена одлука. Ако застанете и со критичко око побарате дали некои од горенаведените сомнителни елементи се присутни при пазарењето онлајн, можете да се осигурате дека паричникот ќе ви остане безбеден.