Токму тие манипулативни тенденции, денешните медиуми често знаат да ги искористат за да постигнат одредена цел, или цел насочена кон потхранување на апетитите на одреден клан, засегната страна или која било партиска агенда. „Cherry picking“, е меѓународниот термин што го става под ист чадор овој вид медиумска манипулација. „Cherry picking“ е појава која отстапува од непристрасноста, правилното, точното и објективното известување. Медиумите денес често знаат да селектираат аргументи за време на известувањето, независно која партиска боја сакаат да ја зајакнат или да ѝ дадат повеќе партиска боја.
Медиумите често излегуваат од колосек, кога во свои раце имаат „cherry picking“ селектирајќи докази на пристрасен начин.
Ваквото новинарство не го почитува јавното мислење, но и го губи својот кредибилитет, со што станува алатка за манипулација.
Новинарот не треба да се води од лични убедувања, новинарот треба да се води од собирање што повеќе аргументи, без пристрасност. Да се даде простор на секој став за идниот претседател. Да се даде простор на секој колумнист. Меѓутоа, кога се бара да се покаже рејтинг, треба да се излегува со бројки.
Медиумите, но и јавноста, мора да ја знаат важноста на јавниот интерес.
Непристрасноста е од суштинско значење при известувањето. Вестите треба да се засноваат на факти, кои се проверени, атрибуирани и докажани.
Да се биде непристрасен при објавување вести и информации значи да се исклучи каков било личен пристап или мислење при нивно формирање, притоа оставајќи ѝ на јавноста да изнесе свои заклучоци без да ѝ се наметнуваат лични ставови.
На јавноста, со оглед на горенаведените препораки, треба да ѝ биде лесно да разликува кога авторот на одреден новинарски производ се обидува мислењето да го искажува според свои лични убедувања, а не со вистински аргументи. Една здрава, критичка глава, секогаш треба да бара две страни во секој новинарски производ, или поточно, теза аргументирана со најмалку два факта.