Посветеноста да се подигнат стандардите во новинарството на ниво на очекувања на јавноста за време на изборните кампањи е поважна од кога било имајќи ја предвид актуелната ситуација со лажните вести што поттикнуваат бранови на дезинформации.
Покривањето на изборите носи одредени ризици што новинарите мора да ги предвидат, да ги спречат и да ги ублажат, затоа подолу се дадени следниве насоки за покривање на изборите:
· Заштитете ја етиката на новинарството
Секој новинар мора да го следи Кодексот на новинарите при покривањето на политичките избори имајќи ја предвид главната професионална етика во медиумите.
· Уредувачка независност
Независното новинарство е суштински дел од секоја демократија. Новинарите во редакцијата и при покривањето на изборната кампања, мора да се грижат гласачите да имаат пристап до непристрасните и независните информации.
· Проверка на фактите
Точноста на информацијата е приоритет при известувањето за изборите, а новинарите треба да ги следат изјавите на кандидатите така што ќе ги проверуваат со другите доверливи извори, какви што се: другите функционери, граѓанските организации и набљудувачите на изборите. Посебна грижа треба да се покаже за потврдување, пред да се објави, на информацијата од социјалните мрежи, која може да биде погрешна или пристрасна во корист/против кандидатот или политичката партија.
· Одржувајте го соодветниот тон во известувањето
Зборовите и јазикот се важни кога се известува за изборите. Новинарите мора да користат соодветен јазик и да избегнуваат потпалувачки, преувеличувачки тон што може да им даде или да им ги намали надежите на гласачите за исходот на изборите. Ова ги вклучува и мерените коментари на анкетите, имајќи предвид дека тие можат да бидат недоверливи со текот на времето и не можат да го заменат доброто политичко известување.
· Чувајте се од говор на омраза
Политичките избори можат да предизвикаат поделба по политички и по етнички линии на политичките партии. Новинарите никогаш не треба да обезбедуваат простор за политичарите што делат и шират говор на омраза. Треба да има јасни протоколи во редакцијата за да се избегне злоупотребата на медиумите за поттикнување насилство и омраза.
· Добро планирање за безбедно известување за изборите
Планирањето е од суштинско значење за ефективно покривање на изборите. Новинарите мора да ги знаат сите детали за изборите, вклучувајќи ги и почетните и завршните денови на периодот на кампањата и деталите за денот на гласањето, какви што се: организацијата на гласањето, распоредот на изборите и објавувањето на резултатите, информации што може да ги добијат од изборните комисии.
· Исполнете ги барањата за акредитација на медиумите
Новинарите мора да ги проверат барањата на институциите за покривање на изборите и навреме да аплицираат за нивна акредитација за да се избегнат задоцнувањата и оневозможувањето пристап до кандидатите, до местата на изборните комисии, до гласачките центри итн. Акредитацијата е, исто така, многу важна за да се обезбеди слободно движење кога има ограничувања поврзани со изборите.
· Внимавајте на знаците на конфронтација
Во нестабилна политичка ситуација, сè може да се случи. Новинарите треба да внимаваат на одредени знаци на насилство. Тие вклучуваат присуство на оружје на настанот (камења, стапови, пиштоли, солзавец итн.). Исто така, од витално значење е да се слуша што зборуваат луѓето во толпата, вклучително и медиумските организации.
На крај, новинарите треба да го набљудуваат присуството на безбедносните сили и нивното однесување кон толпата.
· Заштитете се
Ако започне каков било вид насилство, побарајте безбедно место за снимање и за фотографирање во најблиската област за конфронтацијата. Новинарите во секое време треба да избегнуваат соочување со толпата и секогаш да ги чуваат своите акредитиви видливи, дури и ако насилството не е насочено кон медиумите. Доколку има насилство врз нив, треба да побараат заштита од безбедносните сили и да го напуштат местото.