Овој чекор честопати се нарекува „дигитален детокс“и целта на истиот е да ја подобри менталната благосостојба на луѓето преку ограничување на времето што го поминуваат на интернет или во екстремен случај, целосно да се прекине во одреден период.
Има многу причини за една индивидуа да започне т.н дигитален детокс. За почеток, може само сакате да сте поприсутни во вашето секојдневие или пак да имате повеќе социјални интеракции со луѓето во вашиот живот. Истражувања низ светот покажуваат дека интернетот е една од најголемите причини за стрес кај децата и возрасните.
Кога станува збор за дигитален детокс, целите си ги поставувате сами и не значи дека мора целосно да се оддалечите од технологијата, доколку не го сакате тоа. Самите си ги поставувате границите, а неколку чекори кои можат да ви помогнат се следните:
1. Преглед на вашите дигитални навики
Следете колку време поминувате на екраните секој ден и идентификувајте кои апликации или активности ви трошат најмногу време. Оваа самосвест ќе ви помогне да ги одредите областите за подобрување.
2. Останете флексибилни
Бидете спремни за прилагодување на вашиот дигитален план за детоксикација по потреба. Во ред е да се прават исклучоци за суштински задачи или za итни случаи, но настојувајте да се држите до планот и претходно одредените цели.
3. Ограничете го времето што го поминувате на телефон
Во работните простории е убедливо потешко да се одвоите од технологијата отколку во приватниот живот, па затоа, по работното време намалете го периодот што го поминувате во скролање на социјални мрежи.
4. Најдете хоби кое ќе ве одвои од телефонот
Започнете активност која сте имате желба да ја започнете. Теретана, уметност, пишување се само неколку предлози кои можат да ви го подобрат расположението.
5. Исклучете го телефонот во специфично време
Кога знаете дека не ви треба телефонот, исклучете го уредот или вклучете ја „do not disturb“ опцијата. Ова може да биде во утринските часови, за време за ручек, после вечера или било кое време кога не е приоритетни да го користите.
6. Практикувајте дигитална свесност
Вежбајте дигитална свесност, паузирајте пред да посегнете по вашиот уред и запрашајте се дали е приоритетно да го отворите телефонот.
Од дигиталниот детокс има многубројни придобивки. Намаленото време на интернет придонесува за пониски нивоа на стрес, анксиозност и депресија. Исклучувањето од дигиталните уреди ви овозможува одмор од постојаниот наплив на информации и известувања. Ќе имате повеќе време да се сконцентрирате на задачите што треба да ги завршите, што доведува до зголемена продуктивност и ефикасност.
Со минимизирање на активностите на е-пошта, социјалните медиуми и други работи кои ги нуди интернетот, можете целосно да се посветите на важни проекти и активности. Помалку време поминато на екраните значи повеќе време за физички активности. Без разлика дали станува збор за одење на прошетка, вежбање јога или рекреативни спортови, дигиталниот детокс ги поттикнува поединците да го направат приоритет движењето и вежбањето, што доведува до подобрување на физичкото и на менталното здравје.