Искуствата покажуваат дека за да се продаде еден таков производ, за кој не е научно докажано дека навистина ги прави бенефитите што ги прикажува, треба да ветува многу. Како на пример, дека со пиење на чај ќе ви го снема каменот од жолчката, но и дека дополнително ќе ви бидат прочистени крвните садови, ќе немате повеќе гастритис, а и високиот притисок ќе ви се намали. Фактите се дека ниту еден лек, ниту еден чај, ги нема тие својства. Понатаму, цената треба да биде прикладна, односно секој со стандардни примања да може да си го дозволи производот.

И она што особено успева, а што во Северна Македонија се покажа и на дело е дека може лажно да се прикажат интервјуа или изјави од познати доктори, кои наводно го промовираат лекот. За ваков случај, неколку доктори од С.Македонија го добија судскиот процес и докажаа дека тие немаат допирна точка ниту пак некогаш промовирале одреден лек како што се обидуваше лажно да прикаже фирмата.

Истражувачот и писател Ендру Лафкин лансирал еден експертимент, за да открие колку е лесно да се истурка лажна содржина на интернет. Па така, тој поставил реклама за лажна марка на флаширана вода и се обидел да ја промовира на илјадници корисници на Фејсбук и на Гугл, со придружни псевдо здравствени совети – губење на килажата.

Брендoт за лажната вода го носел името Remedii, а се нудела и придружна онлајн услуга која нудела совети за здравје и хидратација наречена „природна хидратација“.

Рекламата добила речиси 100.000 импресии во текот на еден месец на Гугл, додека на Фејсбук направил страница за „Природна хидратација“ на која добил повеќе од 500 лајкови носејќи публика до која може да се допре со лажни пораки и со различни промоции. Лафкин покажа дека сето ова е исклучително лесно и дека луѓето треба сериозно да бидат внимателни, кому ќе веруваат и каде ќе ги остават своите пари.

Како да се забележи лажната реклама?

1. Откријте кој ја објавил рекламата. Секогаш внимавајте дали огласувачот изгледа дека е легитимен. Дали е тоа компанија? Дали има адреса или детали за контакт надвор од генеричката електронска пошта? Дали компанијата има веб-страница? Доколку нема, воопшто не се обидувајте да кликате, оти голема е веројатноста да бидете измамени.

2. Избегнувајте сè што содржи грешки. Ако кај рекламата забележите невообичаено форматирање, неквалитетни фотографии или правописни/граматички грешки, немојте да порачувате никакви производи.

3. Бидете претпазливи кај рекламите кои привлекуваат финансиски или здравствени цврсти недвосмислени тврдења, од производи кои гарантирано ќе го намалат ризикот од добивање кашлица до шеми кои ќе ви помогнат побрзо да се збогатите.

4. Пријавете. Доколку мислите дека сте виделе лажна реклама, пријавете ја користејќи ги алатките обезбедени од Фејбук, Гугл и други платформи. Со тоа можеби ќе им помогнете и на многу други, кои полесно би се фатиле на мамката, порачувајќи и купувајќи производи чија единствена цел е да ги изманипулираат луѓето.