Троловите се онлајн феномен, чија дефиниција константно се менува и проширува.
Порано, троловите беа асоцирани со исфрустрирани индивидуалци - често анонимни или со лажен профили - кои „фаќаат сеир“ кога други луѓе во онлајн просторот се нервираат. Формалниот термин за ваквото однесување е „негативна социјална потентност“, односно добиваат задоволство од тоа некој друг да страда или да реагира негативно на тоа што го прават. Според професорот Марк Грифитс, „ваквите луѓе ги тролаат другите за одмазда, за внимание, за лична забава или од досада“.
Денес, постојат и тролови најмени од политички организации, кои целат да го преплават онлајн просторот со своите ставови, или поточно ставовите на тој кој ги плаќа. Ваквото однесување, односно работата на т.н. „трол фарми“, се нарекува „координирано неавтентично однесување“.
За каков трол и да станува збор, комуниколозите се едногласни за како да најдобро да се да се справи човек со трол: игнорирање. Доколку се обидете да го надмудрите, правите точно тоа што тој сака: му давате внимание.
Но, како може да препознаете дека се справувате со трол, а не со некој едноставно има некаков непопуларен став? Прво да видиме како изгледа типичниот „само-мотивиран“ трол.
„Живеалиштата“ на троловите
Пред да знаеме како да препознаеме трол „во дивината“, треба да знаеме каде тие обично се кријат.
Троловите често се приклучуваат на актуелни дискусии, како тие што се „трендинг“ на Твитер, токму бидејќи има поголема шанса повеќе луѓе да се фатат на нивната јадица. Понатаму, троловите често ги има во коментарите на популарни видеа или во објавите на инфлуенсери. Целта е повторно да го зголемат потенцијалниот број на луѓе кои би се изнервирале од нивните коментари.
Конечно, троловите имаат поголемо присуство на анонимни форуми, како Reddit, 4chan или Quora. Токму анонимноста им овозможува да кажуваат работи кои најверојатно не би кажале лице в лице со некого.
Коментари вон тема
Иако, како што е напоменато погоре, троловите се приклучуваат на дискусии за актуелни теми, тоа не значи дека тие ќе зборуваат за тие теми. Напротив, тие вешто ја пренасочуваат темата кон некое поле во кое тие знаат дека можат полесно да им „отидат на нерви“ на други онлајн корисници. Имено, троловите често го пренасочуваат дијалогот кон контроверзни политички теми. Токму нерелевантноста на нивните коментари ќе ги натера други корисници да се вклучат во дискусијата, за да се обидат да ја вратат во колосек.
Надмен и „наивен“ тон
Троловите, и покрај тоа што очигледно имаат намера да предизвикаат негативна реакција од други луѓе, често се однесуваат како да тие не целат да бидат провокативни или дека „само прашуваат прашања“, што, се разбира, само уште повеќе ги нервира другите корисници.
Коментари како „смири се“ или „Зошто се нервираш толку?“ се речиси сигурен знак дека станува збор за трол, на кој не вреди да му се обрне повеќе внимание.
Игнорирањето на факти
Ако не ги следите претходните совети и сепак одлучите да се впуштите во борба со зборови и аргументи со трол, брзо ќе забележите дека тие најчесто не ги слушаат фактите. Дури и да им се претстават конкретни докази кои се косат со нивните тврдења, тие најчесто ќе ги игнорираат и ќе се префрлаат на тактика бр. 2, односно менување на темата.
Платените тролови
Иако, „индивидуалните“ тролови може да ве изнервираат, тие претставуваат помала општествена опасност во споредба со платените тролови. Ваквите тролови работат во координација со други тролови, на т.н. „трол фарми“, со цел да ја зголемат популарноста на одреден политичар или неговата идеологија, со преплавување на онлајн просторот со одредени ставови.
Трол фарми се појавија низ многу држави, меѓу кои се Србија, Русија, Кина и Северна Македонија.
Овие тролови имаат поинаков стил од „индивидуалните“ тролови - малку посуптилен.
На овие тролови е им е целта да ве изнервираат од прост ќеиф; тие целат да го пренасочат вашиот гнев кон опозициски политичари и вашата поддршка кон политичарите кои ги плаќаат.
Ако некој акаунт ви изгледа како претерано позитивно настроен или претерано егативно настроен кон одредена политичка кауза, вреди да се отвори неговиот акаунт за да се види дали станува збор за неавтентичен акаунт.
Малку лични податоци
Доколку на профил чија автентичност ви изгледа сомнителна најдете малку лични фотографии, или пак само некои генерички слики, постои голема веројатност дека тој човек всушност не постои. Впрочем, троловите кои работат на „трол фарми“ често контролираат неколку профили, секој од кој се претставува како различен човек.
Запрепастувачка количина на постови на една тема
Дополнително, некои од овие трол акаунти толку многу постираат што ќе се запрашате како имаат време за тоа - но лесно се наоѓа време за толку многу коментирање и постирање ако тоа ви е работа.
Дополнително, акаунтите на троловите најчесто постираат за неколку исти работи (бидејќи им е директно кажано што да постираат, а не да искажуваат лични ставови).
Типови на постови кои најчесто се знак на платен трол вклучуваат: споделување на постови каде одредени политички партии се фалат самите себе; постови од страници кои редовно постираат дезинформации; и негативни коментари за политичките противници, кои ја преминуваат границата во говор на омраза.
Отвореноста на интернетот отвори простор за луѓе кои можеби претходно не би можеле да си го најдат својот глас, но исто така отвори простор за многу неавтентично однесување, дали од тролови кои едноставно уживаат во туѓа нервоза, или од тролови кои системски се обидуваат да го манипулираат јавното мислење. Во секој случај, можете вешто да ги избегнете троловите доколку внимавате да не дозволите работите кои тие ги кажуваат да ги сфаќате лично и доколку внимавате да не ги земате здраво за готово мислењата на сомнителни акаунти.