Кај кредибилните медиумски содржини, изработеното видео, фотографија, текст или пост на социјалните мрежи е задолжително да содржи име и презиме на медиумскиот професионалец или надворешен соработник на медиумот којшто ја подготвил истата содржина. Во некои случаи, особено при изработката на видео содржините, професионалните медиуми ги наведуваат сите ангажирани лица кои учествувале во неговото создавање – новинар, снимател, монтажер, наратор итн. Во случаите кога има има повеќе од еден автор којшто учествувал во изработката на ваквите содржини, тогаш правилно е да бидат наведени сите.
Ова особено важи за медиумските редакции кои држат до професионалното новинарство. Вообичаено е имињата и преземињата на авторите да стојат на самиот почеток или на крајот на одреден текст или фотографија, додека во видео сториите вообичаено е да бидат наведени авторите во крајните секунди или на самиот почеток на снимката.
Професионалните стандарди на новинарството трпат само некои исклучоци во кои би можело да се избегне наведувањето на авторството. Во ретки случаи, кога одредена редакција има потреба да реагира на одредени обвинувања упатени кон нив или да даде појаснување за објавена медиумска содржина која предизвикала огромни реакции во јавноста, вообичаено е да се излезе со редакциски став како одговор со дадени појаснувања на ваквите обвинувања и реакции. Доколку се случи одреден напад или омаловажување врз медиумски работник, и во такви случаи е вообичаено новинарскиот текст да не биде потпишан со име и презиме, туку со јасно наведување дека позади него стои целата редакција на медиумот.
Во исклучително експлицитни случаи, кога се работи за одреден текст, видео или фотографија која е од огромен јавен интерес и која разоткрива важни општествени прашања, авторот на ваквата содржина може да остане ненаведен при нејзиното публикување, со јасно наведување во објавената содржина дека редакцијата го знае авторот, но не го открива. Ваквиот исклучок може да се употреби единствено кога авторот на ваквата содржина не е член на редакцијата, би можел да биде лесно разоткриен и санкциониран до степен што би можело да му биде загрозен животот на овој „поткажувач“, особено во држави кои имаат недемократски модели на владеење. Новинарските стандарди при вакви случаи даваат можност за исклучок.
За јавноста од исклучително значење е информирањето за авторот којшто стои позади медиумската содржина која ја чита или гледа. Преку наведувањето на името и презимето на авторот, таа може пред, за време или после даденото внимание кон истата, да ја провери кредибилноста на авторот, неговото професионално новинарско или стручно искуство во минатото, да увиди дали има некакви промени во неговите ставови од тоа што претходно го објавувал или да задоволи некоја слична потреба. Клучно е што преку потпишаното авторство може да ја провери кредибилноста на тој што стои позади текстот. Доколку не се согласува со одредена содржина, било кој член на јавноста може да реагира на содржината преку испраќање на писмо до редакцијата, а доколку има одредени спорни моменти за непочитување на новинарските правила пропишани во Кодексот, тогаш може да испрати барање за оценка на ваквата содржина од Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија или Советот за етика во медиумите во Македонија. Во одредени случаи, авторот може да биде тужен пред суд за прекршувања на одредени законски одредби. Следствено на ова, потпишаното авторство означува не само кредибилен текст, туку и должност за почитување на воспоставените правила на игра во новинарската професија или согласно законите.
Наспроти ова, оние медиумски содржини кои немаат потпишан автор или имаат некаков псевдоним како автор, непостоечки автор со лажно име и презиме наведен во текстот, фотографијата или видеото, се случаите кога треба да почнеме да се сомневаме во вистинитоста, кредибилноста и стручноста на искажаното во ваквите медиумски содржини. Најмалку што треба да направиме при непотпишано авторство е да се запрашаме дали некој сака да манипулира со нас и да ги земеме со резерва (дез)информациите изнесени во ваквите медиумски содржини. Она што е важно во вакви случаи како одговорни поединци да направиме е да истражиме дополнително на темата, на интернет да најдеме други текстови, фотографии или видеа кои можеби ќе дадат разјаснување, дополнување или целосни податоци за она што сме го осознале кај непотпишаната медиумска содржина.
Притоа, ваквата пракса не важи само за интернет порталите, телевизиите и печатените медиуми, туку и за постовите кои ни се појавуваат на социјалните мрежи на интернет. Всушност, опасноста од манипулација со објавени содржини денес е најголема на социјалните мрежи, па затоа пред да прочитаме одреден наслов или да погледнеме видео, клучно е да погледнеме и да одвоиме некоја минута за да утврдиме кој го објавува истото. Не верувајте им на профилите со непотпишан автор или автор со непостоечко име и презиме, бидејќи тоа е начин да се заштитиме од манипулација.