Организацијата на потрошувачи на Македонија и Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ги споделија препораките до граѓаните, кои треба да ги следат за да се заштитат од онлајн измами.

Како прво, од Организацијата на потрошувачи на Македонија објаснуваат дека при купувањето на Интернет посебно внимание треба да се обрне на продажбите на социјални мрежи (Фејсбук, Инстаграм и други) од нерегистрирани фирми или оние кои немаат регистрирано седиште, не даваат можност за плаќање преку трансакција или сметка во банка и не издаваат сметка/фактура, гарантен лист или друга документација за производот.

Во Македонија не се конкретно регулирани ваквите нелегални продажби на социјалните мрежи и за разлика од легалните онлајн продажби, не постои механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп, објаснуваат од Организацијата на потрошувачи.

Токму поради тоа, препораката е граѓаните да се тие кои треба да внимаваат при купувањето на социјалните мрежи, бидејќи понатаму ќе имаат потешкотии за заштита на своите права како потрошувачи.

Поради ова, од Организацијата на потрошувачи на Македонија препорачуваат до потрошувачите кога ќе купуваат на социјалните мрежи, однапред да утврдат и истражат дали продавницата е регистрирана како фирма, дали има седиште, дали има физичка продавница или пак е регистрирана како онлајн продавница. Исто така, препорачано е да се провери дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и дали за нарачката им испраќа валидна потврда на мејл, а при испораката дали им доставува фискална сметка, фактура или сметко-потврда.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија предупредуваат да не се потпаѓа под заведувачко пазарно рекламирање на онлајн продавачите на социјалните мрежи од типот: попуст само ден, акција на производи кои се копија од некој актуелен бренд, гратис производи и слично.

Воедно, потрошувачите при онлајн купувањето да не им даваат на трговците премногу лични податоци, а доколку им се сомнителни, секогаш да ги проверуваат сметките или извештаите од банка по извршеното плаќање.

Инаку, во Македонија постојат закони за електронска трговија и за заштита на потрошувачите кои ја дефинираат онлајн продажбата, заедно со правата и обврските на двете страни, но овие закони се однесуваат само на оние трговци кои се регистрирани за вршење на онлајн продажба. Оттука, граѓаните треба да извршат добра проверка на виртуелното продажно место од каде што сакаат да купат нешто.

Од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија за потрошувачите креирале и свои препораки до граѓаните, кои им помагаат при носењето на одлуки за онлајн купувањето.

Во состав на платформата ecommerce4all.eu, го изработиле и прирачникот Заштита на правата на потрошувачите во С.Македонија, каде граѓаните прво можат да се запознаат со нивните права како потрошувачи и заштитата која им ја нуди законот. Креирале и Регистар од регистрирани е-трговци, преку која лесно да може да се провери дали компанијата од каде се купува е регистрирано правно лице и нуди е-плаќање. Над 100 е-продавници во земјава се имаат стекнато со Беџ за верификуван е-трговец, преку кој се поддржува негувањето политики и пракси кои се во корист на потрошувачите.

Проверката за веродостојноста, легитимноста и добрата работна практика на е-продавницата, велат од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија е првиот чекор кој граѓаните треба да го преземат.

Од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија им препорачуваат на потрошувачите да ја проверат компанијата од која вршат онлајн купување преку читање на нивните Политика за враќање на производ, Политика за колачиња, Политика за приватност, Услови за користење на веб-страницата, но и да проверат дали сајтот е безбеден, односно дали поседува https протокол – катанчето лево од името на веб-сајтот во searchbar-от го покажува тоа.

При онлајн купување, од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија ги советуваат граѓаните да ги читаат и рецензиите за оценка кои други купувачи ги оставаат како задоволни/незадоволни клиенти за самата е-продавница, но и да проверат дали се јавно достапни податоците за правниот назив на компанијата и контакт податоците за нив.