Еден од начините како да ја зголемиме медиумската писменост и да стекнеме имунитет за препознавање на медиумските содржини направени според професионални новинарски стандарди е на интернет-порталите да го побараме импресумот. Еден од начините како да провериме дали некој онлајн медиум е сомнителен или не, е токму објавувањето на импресумот.
Што е тоа импресум? Станува збор за група на податоци кои обезбедуваат информации за називот и адресата на седиштето и уредништвото на издавачот на медиумот, името на одговорното лице на издавачот на медиумот, името и презимето на одговорниот уредник, односно уредниците во согласност со внатрешната организација на уредништвото и назив. Сето ова е наведено во членот 14 од Законот за медиуми на Република Северна Македонија. Иако кај обврската за наведување на импресум во овој член од македонското законодавство е ставен акцентот на печатените медиуми и радиодифузерите, со дефиницијата во истиот закон за тоа што претставуваат медиумите, со реченичната конструкција „средства за јавно информирање, односно каков било вид на комуникација како весници, магазини, програми на радиото и телевизијата, телетекст и ДРУГИ СРЕДСТВА ЗА ДНЕВНО ИЛИ ПЕРИОДИЧНО ОБЈАВУВАЊЕ на уреднички обликувани содржини во пишана форма“, се обезбедува законската основа за објавување на импресумот да важи и за онлајн медиумите.
Покрај тоа што објавувањето на импресумот претставува законска обврска во нашата земја, за професионалните онлајн медиуми ова е еден од главните критериуми за членство во Регистарот на професионални онлајн медиуми ПРОМЕДИА, кој беше основан под покровителство на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), како и со поддршка од Стопанската комора на Македонија.
Едно од правилата за членство во ПРОМЕДИА за онлајн медиумите е тие да имаат наведено веродостоен импресум, име и презиме на главниот односно одговорниот уредник, составот на редакцијата, адресата и другите неопходни податоци за контакт на самата веб-страница, која ќе биде достапна за увид на било кој читател во секое време.
Објавувањето на импресумот е пракса која што во нашата земја е преземена од медиумите кои опстојуваат во развиените западни демократии, каде што е незамисливо медиумска куќа која е вклучена во оформувањето на јавното мислење во една земја да ги нема дадено на увид на јавноста основните податоци за нејзината структура – уредништво, сопствеништво и детали за контакт со публиката.
Во текстов го наведуваме примерот со американскиот весник Вашингтон Пост, кој го има објавено целокупното уредништво со име и презиме на одговорните професионалци и со електронска пошта на секој од нив, како би можеле поединци од јавноста да ги контактираат. Истите детали ги имаат објавено и за менаџерскиот тим на овој американски медиум.
Уште еден значаен медиум во меѓународни рамки е Политико, кој во секцијата „За Нас“ ја објавува сопственичката структура, уредничкиот и менаџерскиот тим кој раководи со медиумот.
Ова практично значи дека правилото за објавување на основните податоци за медиумот - кој стои зад содржините (текстови, фотографии, видеа) претставува стандард за секој професионален медиум. Секој читател треба да може лесно да ги провери информациите на самата веб-страница за името и презимето на главниот односно одговорниот уредник, составот на редакцијата, адресата и другите неопходни податоци за контакт на самата веб-страница, која ќе биде достапна за увид на било кој читател во секое време. Истото важи и за емисиите што се емитуваат на радио и телевизиските станици, како и во секој отпечатен број на печатените медиуми. Импресумот е задолжителен за сите нив.
Оттука, секогаш кога се сомневате во некоја содржина што е објавена во определен медиум, покрај опцијата да го проверите авторот на текстот, фотографијата или видеото во самиот медиум, како и да поминете меѓу редовите на самата медиумска содржина за да ги утврдите изворите на информации за конкретната тема, трет важен чекор за брза проверка на веродостојноста на медиумот е читањето на неговиот импресум.