Како луѓе, повеќе се потпираме на информациите кои ни се директно достапни, без да бидеме целосно свесни за она што не го знаеме. Ако гледаме некои елементи од приказната, од тие парцијални елементи ја конструираме најдобрата приказна што можеме. Дел од пристапот на проверка на фактите е свесноста за когнитивните предрасуди вродени во секој од нас. Иако овие предрасуди ни помагаат да се движиме во секојдневниот живот, тие можат да предизвикаат да ги занемариме релевантните факти, дури и кога тие ни се „пред очи“.
Токму затоа, улогата на новинарот е да обезбедува информации, сведоштва, но и достапност на информации од различни извори, а потоа ги „плете“ приказните на начин што тие добиваат сеопфатно значење.
Мрежниот ефект на социјалните медиуми ги прошири изворите на информации, а со тоа и изградбата на нашите наративи. Социјалните медиуми исто така го отстранија примарниот филтер на новинарите како „гласници на вистината“. Некои политичари и креатори на јавното мислење ја искористија оваа можност за да ја вежбаат и тестираат својата моќ.
Оттаму, социјалните мрежи освен што имаат свои придобивки, тие претставуваат нова и моќна алатка за ширење манипулации. Тогаш можно е да дојде до нешто што се нарекува „однесување на стадо“, односно мнозинството луѓе да започнат да го следат однесувањето на другите под претпоставка дека „овие многу луѓе не можат да грешат“. Ова може да нè натера колективно да се однесуваме конформистички до степен целосно да го санкционираме и отфрлиме неистомисленикот.
Како се изврши проверката на факти?
Има голем број реномирани медиуми кои редовно нудат извештаи за проверка на факти. Тие можат да се користат за следење или потврдување на содржината на многу вести, како и за точноста на изјавите на политичарите. Некои истражувачи сугерираат дека самото знаење дека постојат такви алатки ги ограничува политичарите да изнесуваат лажни тврдења и ги притиска повнимателно да даваат изјави. Повеќето новински агенции за проверка на факти контактираат со политичарите за да ги разјаснат или да ги поправат нивните неточни изјави, иако често се случува политичарите да одбиваат да го сторат тоа.
Некои медиуми за проверка на факти даваат „вистинити или лажни“ оценки за изјавите на политичарите. Проверувачите на факти на Вашингтон пост, на пример, покажуваат дали изјавата дадена од политичар е вистинита со доделување одредени симболи. Еден цртеж на Пинокио значи „главно точно“, два означуваат „половина точно“, три значи „воглавно лажно“, а четири значи „апсолутно лажно“.
Другите страници за проверка на факти се независни од традиционалните медиуми и се посветени исклучиво на професионални услуги за проверка на факти. Политифакт, на пример, ги оценува изјавите како „Точно“, „Претежно вистинито“, „Делумно точно“, „Претежно неточно“ и „Неточно“.
Други страници за проверка на факти се фокусираат на обезбедување дополнителни информации и контекст на изјавите на политичарите, за да им помогнат на читателите сами да проценат за валидноста на тие изјави. FactCheck.org не ги оценува изјавите на политичарите како вистинити или лажни, туку дава детални докази „за“ или „против“ изјавите и ви дозволува да одлучите дали тие се вистинити или лажни. Можете исто така да поднесувате прашања директно до страницата за различни теми, вклучувајќи политички, пресуди и гласини поврзани со други општествени прашања. FactCheck.org потоа објавува одговори на прашањата на читателите доколку се проверливи и засновани на факти.
Кога треба да ги проверуваме фактите?
Не може да се очекува сите да го потврдуваат дополнително она што го читаат. Но, во време кога наголемо се шират дезинформации, штетни наративи и манипулации, силни се препораките да се проверат фактите пред да споделиме, „лајкуваме“ или коментираме на некоја вест на социјалните мрежи.
Важно е да стекнеме навика за проверка на фактите, со оглед на когнитивните предрасуди што нè прават приемчиви за лажни вести. Кога луѓето артикулираат мислење врз основа на нешто за кое тврдат дека е реално или е факт, би било добра идеја да проверите колку е тоа реално. Треба да се сомневаме во веродостојноста на фактите дури и кога луѓето што ги познаваме ни се блиски и ни ги дале со добра цел и волја. Со оглед на разновидноста на ресурсите, извештаите, сајтовите и системите што ни се достапни за да ги потврдиме информациите, исто така е важно да се потроши доволно време на мерење на еден извор на информации со друг и да се добие увид што може да помогне во иднина да се спречи ширењето на лажни вести. Понатаму, овој процес ќе станува сè полесен и полесен, за на крајот да ни премине во навика, која слободно можеме да ја наречеме нега и хигиена на умот.