Најновото истражување на NiemenLab, објавено во списанието Communication Research, посочува две студии, во кои се открива дека луѓето генерално им веруваат на новинарите кога ги потврдуваат тврдењата дека се вистинити, а имаат поголема недоверба кон новинарите кои ги коригираат лажните тврдења. Од нив произлегува дека кога укажува на туѓа грешка, со себе носи сериозен ризик од реакција и токму затоа новинарите кои коригираат лажни тврдења често се предмет на напади и критики.

Или со други зборови, довербата на луѓето зависи од тоа каков е заклучокот на новинарот – дали поткрепува или пак демантира одредено тврдење/изјава/појава.

Истражувачите, користејќи вистински написи, истражувале како луѓето се чувствуваат за новинарите кои обезбедуваат „проверки на факти“.

Во првата студија, учесниците прочитале детална проверка на факти која или коригирала или пак потврдила некои тврдења поврзани со политика или со економија. На пример, една проверка на факти била фокусирана на изјавата „Платите во Конгресот се зголемија за 231% во изминатите 30 години“, што е лага. Потоа, учесниците биле прашани како ја оценуваат проверката на фактите и новинарот кој ја напишал.

„Иако луѓето општо им веруваа на новинарите, повеќе луѓе изразија сомнеж кон новинарите кои даваат корекции отколку кон оние што даваат потврди. Луѓето имаат помала веројатност да бидат скептични за потврдните проверки на факти отколку за написите кои разоткриваат лаги“, пишува во истражувањето.

Луѓето, исто така, се изјасниле дека им требаат повеќе информации за да знаат дали новинарите кои ги разоткриваат изјавите ја кажуваат вистината, во споредба со нивната проценка за новинарите кои ги потврдуваат тврдењата.

Во второто истражување, презентирани биле маркетинг тврдења кои на крајот требало да се покажат како вистинити или лажни. На пример, некои учесници читале статија за бренд во кој се вели дека нивните трикови за готвење им ќе заштедат време, но тие всушност во реалноста се покажале како нефункционално. Други читале статија за бренд кој нуди трикови за побрзо готвење, кои се покажале како точни.

Повторно, луѓето тврделе дека им требаат повеќе докази за да им веруваат на написите што укажуваат на невистини, и изјавиле дека не им веруваат на новинарите што укажуваат на невистините тврдења, наспроти на оние што потврдуваат вистинити.

„Луѓето во нашите студии им веруваа на новинарите кога тие даваа потврди. И, секако, луѓето понекогаш се сосема во ред кога се даваат корекции, како на пример кога се дебанкира одредена дезинформација во која тие и претходно не верувале“, се вели во истражувањето.

Оттаму, можеби понатамошниот предизвик за новинарите е да се откријат нови начини за да се обезбедат разоткривања на дезинформации, без тие да изгледаат како проверувачи на невистини. А тоа е навистина голем предизвик, да се пласира дека нешто е невистина, без да се навредат или повредат сите оние кои длабоко веруваат во истата, бидејќи нивниот нагон веднаш ќе биде да го одбранат својот став.

Веројатно во иднина, а во сета оваа ера на дезинформации, ќе мора да се поработи на тоа како да се презентираат работите на малку поинаков, поиновативен начин, со цел луѓето да ги стават под знак прашалник и со доза на сомнеж одредени тврдења и изјави, доколку за истите постојат сериозни научни, медицински и други докази дека не се вистинити. Оти на крајот од денот, вистината е најважна и таа треба да излезе на виделина, а во прашање сега се ставени „финесите“ за тоа кој е најправилниот начин да се направи тоа.