Студијата на американскиот Центар против дигитална омраза, објавена кон крајот на 2022 година, покажа дека Тикток објавува штетни содржини што промовираат нарушувања во исхраната и самоповредување.

Според оваа студија, потребни се помалку од три минути откако ќе се најавите на Тикток за да видите содржина поврзана со самоубиството и уште околу пет минути за да најдете заедница што промовира содржина за нарушувањата во исхраната.

Во изјава за Си-ен-ен во декември 2022 година, портпаролот на Тикток рече дека компанијата е во „редовни консултации со здравствените експерти“ и ја отстранува секоја содржина што ги нарушува нејзините безбедносни политики.

Минатиот месец компанијата „Мета“ – која ги поседува Фејсбук, Инстаграм, Тридс и Ватсап – објави дека ги здружила силите со платформите Снапчат и Тикток за да спречи ширење содржини што промовираат самоубиство или самоповредување.

Пристап кон проблемот

Психологот Алириза Аренлиу, професор на Универзитетот во Приштина, вели дека само вработувањето на психолозите и на педагозите не го решава проблемот на учениците што можат да бидат жртви на опасните предизвици од социјалните медиуми.

„На луѓето што работат на терен им требаат програми, им требаат систематски интервенции, им требаат обуки. Ова е делот каде што ние заостануваме“, вели Аренлиу за Радио Слободна Европа.

Според него, неопходно е предизвиците на менталното здравје да се решаваат во училиштата, а наставните програми да се приспособат на потребите на децата за медиумска писменост.

Професорот Албан Зенели вели дека предметот Медиумска писменост треба да биде задолжителен во училиштата.

Според него, насоките на МОНТИ во однос на користењето на интернетот, имаат повеќе врска со техничкиот аспект на неговото користење отколку со разбирањето на ризиците што произлегуваат од различните платформи.

„Овие работи конкретно се учат во предметот Медиумска писменост... Тоа би им помогнало на децата што минуваат низ процесот на учењето, да бидат свесни за содржината што ја гледаат, да развијат критичко размислување за содржината и во исто време да не станат плен на овие предизвици или проблеми што би ги повредиле, не само во физичка смисла“, вели Зенели за Радио Слободна Европа.

Зголемена контрола или отстранување на Tикток

За социологот Јетон Брајшори, родителите треба да ја преземат ситуацијата во свои раце – барем додека надлежните институции не најдат ефективни механизми за спречување на влијанието на штетните содржини од социјалните медиуми.

Според него, зголемената родителска контрола врз пристапот на децата до социјалните медиуми и воопшто до интернетот, не им штети на нивното право на приватност.

„Им велам на сите родители дека детето под 18 години нема потреба да има строга приватност. Не велиме дека тие треба да се проверуваат за сè, туку многу да внимаваме што гледаат на Тикток, со кого се дружат...“, вели Брајшори.

Тој дури предлага Тикток целосно да се отстрани од детските телефони.

Тој вели дека содржините објавени на Тикток се помалку контролирани во споредба со другите социјални медиуми кои имаат глобална употреба.

Според него, пристапот на децата до оваа платформа го зголемува ризикот за нив да бидат погодени од штетна содржина.

Повеќето паметни телефони го имаат модулот наречен „родителска контрола“, кој им овозможува на родителите да го ограничат времето што нивните деца го поминуваат на различни интернет-апликации.

Сепак, користењето на овој модул е ​​проблематично за родителите што немаат познавања од технологијата.

Тикток има повеќе од 1,5 милијарди месечни активни корисници низ светот.

Се проценува дека околу 25 отсто од нив се на возраст меѓу 10 и 19 години.