Студијата опфати повеќе од 3.000 читатели на онлајн вести со седиште во Обединетото Кралство – секој од нив оценува еден од 24 написи за вести, половина напишани од луѓе, а половина произведени од автоматизација.
Дали знаете кои беа наодите? Иако има уреднички надзор од новинари, написите генерирани од вештачката интелигенција не беа разбирливи во споредба со текстовите напишани од автори луѓе. Водечкиот автор, Сина Таслер-Кордонури, истакна дека читателите одговориле дека автоматизираните написи претежно „се помалку разбирливи“.
Една од главните поплаки се однесува на изборот на јазикот во написите напишани со вештачка интелигенција – читателите забележаа вишок необични или премногу сложени зборови. Друга важна и слаба точка на вештачката интелигенција беше начинот на кој се справува со бројките и со податоците. За многу читатели овој третман е збунувачки и го нарушува текот на написите, оставајќи ги помалку задоволни од автоматизираната содржина.
Интересно е што за читателите, во однос на текот и на наративната структура на текстовите, нема разлика според тоа кој ги напишал, бидејќи изгледаат еднакви. Сепак, предизвикувачкиот избор на зборови и тешкото ракување со податоците, остануваат бариери за написите генерирани со вештачката интелигенција.
Професорот Нил Турман, кој го водеше проектот, истакна дека подобрувањето на процесот на автоматизацијата на содржината може да помогне да се премости јазот во читливоста. Овој процес вклучува не само поедноставување на јазикот, туку и изнаоѓање начини како текстот што има повеќе податоци да го направи поинтуитивно разбирлив за читателите.
Ова истражување ја нагласува важната улога на човечките уредници во креирањето на содржината со вештачката интелигенција. Бидејќи редакциите ја разгледуваат можноста за искористување на потенцијалот на вештачката интелигенција, балансирањето на ефикасноста со јасноста на текстовите останува од суштинско значење.
„Нашите резултати ја покажуваат важноста не само да се одржи човечката вклученост во автоматизираното производство на содржината на вестите, особено оние со повеќе податоци, туку и да се усовршува од човечка рака“, рече Таслер-Кордонури.
Додека живееме во времиња во кои автоматизацијата на процесите зема замав и нема да запре, оваа студија јасно покажува едно нешто: човечкиот допир и преглед сè уште играат критична и клучна улога во правењето на вестите релевантни, масовни и привлечни.