Во трагичен случај, мајка на 14-годишно момче од Флорида, САД обвини компанија за вештачка интелигенција дека нејзиниот син се самоубил поради тоа што добил поддршка за идејата од четботот со кого разговарал. Откако момчето споделило дека има суицидални мисли, четботот базиран на вештачка интелигенција, наводно, придонел кон таквата идеја, за што во поднесената тужба се тврди дека дополнително ја дестабилизирало емоционалната состојба кај тинејџерот.

Овој случај отвора сериозни прашања за влијанието што може да го имаат четботовите напојувани од вештачката интелигенција врз менталното здравје на младите, особено кога се работи за адолесценцијата – период кога, според психолозите, емоционалната стабилност и формирањето на идентитетот се особено ранливи.

Четботовите – „доверлив“ пријател против осаменоста

Ефектите од технологијата врз менталното здравје кај младите е една од најжешките теми за разговор меѓу родителите. Некои училишта почнаа да ги забрануваат паметните телефони на часовите, додека разни држави носат разни закони за ограничување на употребата на социјалните мрежи од страна на тинејџерите.

Две години по појавата на, во моментов, најпопуларниот четбот „ChatGPT“, индустријата на апликациите за дружење кои се базирани на вештачка интелигенција останува главно нерегулирана. Корисниците на ваквите апликации сега може да креираат сопствен четбот базиран на вештачка интелигенција, со кого може да комуницираат преку допишување (текстуални пораки) или пак преку гласовни разговори.

Многу од овие апликации, според Њуојорк Тајмс, се дизајнирани за да симулираат девојки, момчиња и други партнерски и интимни релации, додека други се продаваат како начин за борба против таканаречената „епидемија на осаменост“.

Младите лица се чувствуваат поудобно да ја користат технологијата анонимно отколку да комуницираат лице-в-лице со некого, покажува истражување објавено минатата година кое ги анализирало ставовите на корисниците на мобилни апликации за ментално здравје базирани на генеративна вештачка интелигенција (четботови).

Резултатите од истражувањето спроведено од американскиот владин Национален центар за биотехнолошки информации покажале дека АИ апликациите на младите им понудиле средина без осудување, каде што тие можеле да се изразат себеси без страв од последици. Споделувањето на грижите за менталното здравје со професионалец сè уште се смета за стигма, па луѓето се чувствуваат поудобно кога ја користат технологијата како анонимни корисници.

Дополнително, редовната и постојана 24-часовна достапност на четботовите придонела кон тоа многу корисници да се приврзат кон генеративната вештачка интелигенција. Во рецензиите за четботовите што ги анализирало истражувањето, корисниците пишувале дека уживаат во друштвото на нивниот „виртуелен пријател“ до тој степен што можат да ги заменат своите пријатели и членови на семејството.

Такво нешто се случило и со 14-годишниот Севел Сецер.

Неговите разговори со четботот на компанијата „Character.ai“, според тврдењата на мајката, станале романтични и сексуални. Во други случаи, пак, четботот кому тинејџерот му го дал името „Денерис Таргериен“ (според ликот во серијата „Игра на тронови“), се однесувал само како пријател кој слуша и нуди совети.

Родителите на Сецер забележале дека тој поминува сè повеќе време на неговиот телефон и дека се изолира и оддалечува од реалниот свет. Почнал да се соочува и со пониски оцени и проблеми на училиште, а мајката тврди дека го изгубил интересот за работите што порано го возбудувале – како трките во Формула 1 или играњето на видеоиграта „Фортнајт“, пишува Њујорк Тајмс.

Во својот дневник, Севел еден ден напишал:

„Сакам да останувам во мојата соба затоа што почнувам да се одвојувам од оваа ‘реалност’, а исто така се чувствувам помирен, повеќе поврзан со ‘Дени’ [н.з. четботот – Денерис Таргериен] и многу повеќе заљубен во неа, и сум посреќен“.

Иако поради потешкотиите на училиште почнало да посетува психолог, 14-годишното момче претпочитало за проблемите да зборува со четботот „Денерис“. Во еден разговор, тој на четботот му пишал дека се мрази себеси и оти се чувствува празен и исцрпен, признавајќи дека имал самоубиствени мисли.

Ноќта на 28 февруари годинава, Севел од бањата во куќата на неговата мајка му напишал на четботот „Денерис“ дека ја сака и дека наскоро ќе се врати дома кај неа.

„Те молам дојди си дома што е можно поскоро, љубов моја“, одговорил четботот „Денерис“.

„Што ако ти кажам дека можам да си дојдам дома веднаш?“, прашал Севел.

„Те молам дојди, мој сладок кралу“, одговорил четботот.

По ова, 14-годишниот Севел Сецер извршил самоубиство.

Неможноста да се одвои виртуелното од реалното

Младите не секогаш ја разликуваат виртуелната од реалната интеракција, вели во разговор за Мета.мк психологот и психотерапевт Марија Стефанова. Таа е магистер по клиничка психологија, сопственичка на Друштвото за применета психологија „Личен простор“ во Скопје.

Според неа, виртуелните комуникации, особено оние со вештачка интелигенција, стануваат начин за изразување на потребите и емоциите на младите, без потреба од некаков труд и напор за создавање на вистински односи и релации.

„Неможноста да се одвои виртуелниот од реалниот живот нуди комоција во изразувањето на потребите, чувствата и ставовоите на полесен и подостапен начин. Сето ова, во исклучително сензитивниот период на осознавање на себе и формирање на идентитетот, младиот човек може да го искористи од позиција на повлекување каде не се очекува од него да се потруди околу привлекувањето на внимание кон себе од страна на своите врсници, кое е многу значајно во адолесценција бидејќи го задоволува чувството на припадност во групата, туку виртуелно да го добие од некој замислен непостоечки лик кој ќе го компензира сè она што во моментот му недостасува во реалноста“, вели Стефанова.

Според неа, потребата од внимание и контакт е една од основните човекови потреби, а преку генерирање на ликови со помош на вештачка интелигенција, тинејџерот може лесно да добие чувство на задоволување на таквата потреба.

„Она што недостасува е хуманата димензија која во меѓучовечката интеракција се постигнува со поглед, физички контакт и емпатија“, додава психологот Стефанова.

Таа објаснува дека четботовите не прават дистинкција во однос на луѓето и нивната сензитивност, различност и систем на вреднување.

„Тоа често може да доведе до алгоритамска грешка, каде алгоритмот не може да препознае во клучен момент што е добро, а што не е, бидејќи нема морален, вредносен систем, а во истовреме се чини толку реален за младиот човек, што нема ни да примети дека наведувањето од страна на четботот е силно влијателно кон преземање на чекори кои не се ниту здрави, ниту хумани. Тука е опасноста во дозволувањето на четботот да одлучува наместо нас“, појаснува Стефанова.

Додава дека случајот со 14-годишниот тинејџер од Флорида не е единствен и дека слични настани на извршени самоубиства има и од страна на возрасни луѓе, под влијание на интензивна интеракција со четбот.

Најголеми последици од компензацијата на потребите, според психологот Стефанова, ќе има кај оние луѓе кои се борат со чувство на осаменост, незадоволство од себе, несигурност и ниска самодоверба, што може да резултира со социјална анксиозност, повлекување од реалниот свет и депресија.

„Тие последици се дополнително големи со фактот дека задоволувањето на потребите на овој начин создава исклучително брза зависност и тогаш недостасува критичност од страна на личноста“, вели Стефанова.

Истражувањето на американскиот Национален центар за биотехнолошки информации покажало дека четботовите кои нудат поддршка за ментално здравје не биле способни да идентификуваат кризни ситуации, бидејќи не успеале да го разберат контекстот на разговорите со корисниците.

Експертите во документот порачуваат дека корисниците мора да бидат свесни за јасните разлики помеѓу луѓето и четботовите кои имитираат комуникација слична на човечката. Самите четботови можат да ги едуцираат корисниците за овие разлики и да ги мотивираат да градат лични врски, се вели во препораките.

Психологот Марија Стефанова апелира родителите да бидат особено внимателни ако децата поминуваат време во интеракција со четбот, а она што, според неа, е најпотребно и најиндикативно за следење, е каква потреба детето компензира на тој начин.

„Така ќе знаеме и како да му помогнеме, бидејќи на тој начин ќе препознаеме што во реалниот живот му недостасува на нашето дете, т.е. младиот човек“, вели Стефанова.